Мени

“Космофон” сака да биде и интернет оператор

Вториот мобилен оператор една година чека министерски потпис
Министерството за транспорт и врски речиси една година не одговорило на барањето на мобилниот оператор “Космофон” за концесија за интернет провајдер. Во “Космофон” велат дека барањето го доставиле лани во февруари и, иако ги исполнуваат потребните услови, од Министерството за транспорт и врски досега немаат добиено никаков одговор.
“Одолговлекувањето на одговорот од Министерството за транспорт и врски зачудува бидејќи постапката и подготвувањето на докумнтацијата за добивање на дозвола за интернет провајдер е исклучително лесен процес”, велат во “Космофон” и дополнуваат дека досега од Министерството немаат добиено никаква забеешка дека доставеното барање не е исправно.
Управата за телекомуникации на барањето на “Космофон” одговорила уште во текот на март минатата година, велат во Министерството. Управата го информирала Министерството дека го одобрува барањето на операторот за издавање на дозволата. Но, бидејќи тогашниот министер за транспорт не го потпишал одобрувањето, следните 10 – тина месеци Управата неколку пати испратила допис со кој го потсетувала Министерството дека дала согласност на барањето на “Космофон”. Постапката останала блокирана, а во Министерството за транспорт немаат одговор зошто се уште се чека на потпис на министерот.
“Министерот во најбрз можен рок ќе одоговори на барањето на операторот за интернет провајдер”, вели Лидија Станчева, портпарол на Министерството за транспорт, и потенцира дека новиот министер за транспорт Џемаил Мехази веќе се изјаснил дека ќе го потпишел заостанатото барање, како и сите останати документи кои чекаат на потпис.
Ако претходниот министер за транспорт Агрон Буџаку го потпишел барањето, операторот за добивање на петгодишна концесија за интернет оператор требало да уплати 7.500 евра. Потоа секоја година да уплатува и дополнителни 1.500 евра. Односно, вкупните обврски на интернет провајдерот за пет години изнесуваат 15 илјади евра.

Поврзани натписи