Мени

Mакедонија: Владата го формира Националниот совет за информатичко општество

Со одлука на Владата на РМ од 8.7.2008 година е формиран Националниот совет за информатичко општество. Ова стручно и советодавно тело треба да обезбедува поддршка на Владата и државните институции преку давање насоки, сугестии и препораки поврзани со примената на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ), дигитализацијата на електронските медиуми и развојот на информатичкото општество воопшто.

Како основни начела на работата на Националниот совет во одлуката се наведени:

  • Транспарентност при работењето
  • Вклучување на сите чинители во развојот на информатичкото општество и медиумите
  • Проактивност при имплементација на стратегии од областа на ИКТ претходно усвоени од Владата на РМ
  • Воспоставување постојана двонасочна комуникација меѓу сите чинители во развојот на информатичкото општество и медиумите.

Советот ќе го сочинуваат 15 членови, при што за негов претседател е поставен министерот за информатичко општество. Преостанатите членови се 3 претставници од државните институции, 4 претставници од бизнис-секторот, по два претставници од невладиниот и академскиот сектор, еден претставник од локалната самоуправа именуван од ЗЕЛС, како и два експерта „кои со својата работа многу придонеле за развој на информатичкото општество“. 

Со одлуката се предвидува именување на претставниците на владините тела и двајцата експерти да е одговорност на министерот надлежен за развој на информатичкото општество и министерот за транспорт и врски. За именување на претставниците од бизнис-секторот како одговорни се наведени Сојузот на стопански комори , Стопанската комора на РМ, Стопанската комора на Северозападна Македонија  и Асоцијацијата на приватни електронски медиуми, додека за претставниците на Интеруниверзитетската конференција треба да именуваат претставници од академскиот сектор.

Основањето на Националниот совет за информатичко општество е предвидено со Националната стратегија за развој на информатичкото општество од 2005 година. Во тој документ кој беше усвоен во Собранието со консензус на тогашната власт и опозиција се предвидува Советот да го сочинуваат 25 лица „избрани од страна на Собранието, како претставници од приватниот и од јавниот сектор, од универзитетите и невладините организации. Членовите на овој Совет треба да бидат познати експерти од разни области, како учесниците во Работната група одговорна за подготовка на Стратегијата.“

Одлуката на Владата за формирање на Националниот совет за информатичко општество стапи на сила на 1.8.2008 година, со нејзиното објавување во бр. 97 од Службен весник на РМ.

 

Поврзани натписи