Мени

Пензионираниот Гејтс предвидува софтверска револуција

Бил Гејтс, претседавач, коосновач и поранешен шеф на Мајкрософт, предвидува дека континуираното проширување на интернет услугите ќе предизвика револуција во развојот на софтверот.

За време на минатонеделната посета на Хонг Конг, Гејтс присуствуваше на форум за прослава на десетгодишното постоење на Мајкрософт Рисрч Азија. Регионалната истражувачка лабораторија на компанијата, која што беше основана во 1998 г. во Пекинг, обезбеди обука за повеќе од 2000 стажанти од универзитетите во регионот.

Ова беше првиот официјален говор на Гејтс во јавноста откако се повлече од функцијата Главен извршен директор на Мајкрософт во јули 2008 г. за целосно да се посвети на својата улога на филантроп во Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

Иконата во дигиталниот свет дискутираше за можните технолошки откритија во наредната декада со претседателите на три локални универзитети – Пол Чу, од Хонгконшкиот Универзитет за наука и технологија, Лоренс Ло од Кинескиот универзитет во Хонг Конг и Цуи Лап-чи од Хонгконшкиот универзитет.

Потценети промени

Гејтс на 1600 академци, ИТ претставници и студенти им кажа дека софтверските откритија ќе дојдат побрзо отколку што тие очекуваат.

Тој рече дека една значајна иновација ќе биде Природниот кориснички интерфејс (НУИ) кој бил потценет. Во иднина „ќе ги опфаќа сите нови техники за интеракција“, како што се допир и говор. Тој предвиде опширна примена на НУИ во областа на роботиката, така што роботите во иднината ќе можат да возат автомобили и да разбираат визуелни сцени“.

„Откритијата во областа на хардверот дефинитивно се случуваат, како и оние во областа на софтверот,“ рече Гејтс.

Свет на софтверот

Поранешниот шеф на Мајкрософт изјави дека програмите ќе бидат присутни во секој дел од човековиот живот, и најверојатно ќе настане фузија помеѓу телевизијата и интернетот. Тој рече дека идните телевизии ќе можат да се поврзуваат со интернет, да вршат функции на пребарување и да лоцираат видеозаписи користејќи препознавање на гласот.

Софтверот нема да биде присутен само во уредите на персоналниот компјутер, или џебните уреди како телефонот. Тој ќе биде навистина сèприсутен,“ изјави Гејтс.

Мајкрософт Рисрч Азија моментално спроведува истражување за таквите телевизии, со кои мрзливите гледачи ќе може да внесуваат клучни зборови со нивните далечински управувачи, и телевизијата ќе пребарува слични видеозаписи користејќи технологија за препознавање на говор. Корисниците исто така ќе можат да ги приспособат каналите со функцијата за пребарување.

Гејтс нагласи дека интернет телевизијата ќе биде само дел од огромната промена што ќе ја донесе технологијата во наредната декада.“ …границите на софтверот постојано се поместуваат и затоа ова претставува возбудлива индустрија,“ рече Гејтс.

Иновација кон подобро

Гејтс исто така го сподели со универзитетските челници своето мислење за технологијата како решение за глобалните проблеми, и нагласи дека иновациите може да го променат светот. Тој го зема како за пример персоналниот компјутер, опишувајќи го како „најдобрата алатка што човекот ја направил“ кога е поврзана со интернет, и изјави дека е постигнат голем напредок во биологијата со помош на компјутерите.

Претседателот на Кинескиот универзитет во Хонгконг ја нагласи важноста на интернетот во смисла на пренесување на знаењето. Тој рече дека пристапот до широкопојасен интернет е од суштинско значење за надминување на сиромаштијата.

Двајца други универзитетски лидери, Пол Чу и Цуи Лап-чи, се сложија дела правилно управуваните технологии може да решат глобални проблеми како што се генетските заболувања па дури и недостигот на енергија.

Ова патување е всушност прва посета на Бил Гејтс на Хонгконг по девет години. Тој го гледаше церемонијата на отворање на Олимпијадата пред да присуствува на форумот во Хонгконг и пред состанокот со градоначалникот на Хонгконг – Доналд Цанг.

Извор: PC World "Retired Gates Predicts Software Revolution" 16 август, 2008 г.

Поврзани натписи