Мени

Со привремената пресуда на Европскиот суд се осудува масовното складирање податоци за комуникациите

Генералниот адвокат при Европскиот суд на правдата изнесе катастрофално Мислење за европската Директива со која се бара од европските телекомуникациски провајдери да ги складираат податоците од сите електронски комуникации од шест месеци до две години.

Случајот беше изведен пред суд од членовите на ЕДРи – Digital Rights Ireland и AKVorrat.at во тесна соработка со членовите на австриските членови на ЕДРи – IfNf и VIBE.

Во Мислењето на генералниот адвокат се наведува дека Директивата „како целина е некомпатибилна со член 52(1) од Повелбата за основните права на Европската унија“. Мерката не е неопходна и „не ги исполнува целите на општиот интерес признати од Унијата. Понатаму, член 6 од Директивата се коси со членовите 7 и 52(1) од Повелбата.

„Пропустите на Директивата 2006/24/ЕЗ беа кристално јасни уште откако беше првично предложена од страна на Европската комисија. Ниту во тоа време кога предлогот беше првично поднесен, ниту во кое било друго време потоа, Европската комисија не беше во можност да генерира веродостојни докази дека мерката била неопходна“, вели Џо Мекнејми, извршен директор на ЕДРи.

Соочена со злоупотребите на податоците кои би се складирале во согласност со Директивата – а кои ги наведе во сопствениот извештај за евалуација – Европската комисија не направи ништо.

Соочена со случаи каде што демократските влади одлучија да не го спроведат непотребното законодавство полно со пропусти, Комисијата покрена судска постапка против Австрија, Грција, Германија, Ирска и Шведска. Како резултат на тоа, беа изречени финансиски казни на неколку од овие земји.

Мислењето издадено денес е особено засрамувачко за сегашниот Комесар за внатрешни работи Сесилија Малмстром. Дури и пред Комисијата да го подготви извештајот за спроведување на Директивата (прекршувајќи ги своите законски обврски со шестмесечното доцнење), Малмстром потврди дека „задржувањето податоци ќе опстане“. Дури и по откривањето на злоупотребите и лошите практики во нејзиниот сопствен извештај, таа не презема чекори за решавање на проблемите – но остана тврдоглаво решена да обезбеди дека Директивата се спроведува насекаде во ЕУ.

„Сметаме дека Европската комисија сега има морална обврска да ги врати сите неправедно наметнати парични казни како резултат на неуспехот во спроведувањето на Директивата. Ги повикуваме земјите-членки да ги искористат вратените средства за соодветни проекти за заштита на основните права“, додава Џо Мекнејми.

Извор: ЕДРИ-грам „Interim ruling by European Court condemns massive storage of communications data“ 12 декември, 2013.

Поврзани натписи