Мени

Укинат францускиот систем со три предупредувања пред исклучување од интернет

Францускиот закон за три предупредувања пред исклучување од интернет, познат како Хадопи, со години беше повод за дебати и контроверзии, првенствено затоа што дозволуваше исклучување на интернет-врските на лица за кои било утврдено дека нелегално преземаат материјали заштитени со авторски права. Меѓутоа, француската влада сега се откажува од овој пристап.

На 9 јули 2013 година беше објавен декрет со кој се елиминираше можноста за прекинување на врските на корисниците поради наводно прекршување на авторските права. Сега ќе се применува автоматски систем за парични казни за оние кои наводно го прекршуваат законот за авторски права.

Во јуни 2013 година, комисија од девет члена на чело со поранешниот претседател на Канал Плус, Пјер Лескур, објави извештај за политиките на забавните индустрии во дигиталното доба во кој, меѓу другото, се заклучува дека системот со три предупредувања пред исклучување не ги испорачал резултатите што ги ветила Владата. Комисијата препорача владата да се откаже од системот за исклучување на прекршителите од интернет.

Мерката ќе се замени со казна од „петта класа“, односно парична казна од 1.500 евра која би можела да достигне и 3.000 евра во случај на континуирано прекршување и „кога прописите тоа го дозволуваат“. Според министерот за култура Орели Филипети, за изрекување на казната ќе одлучува судија кој што ќе биде единствениот орган што ќе може „да одлучува за релевантноста и износот” на паричната казна. Независниот орган Хадопи повеќе нема да постои. Тоа би можело да биде и добра вест, но не и навистина, бидејќи системот со три предупредувања пред исклучување од интернет ќе продолжи како „педагошка“ мерка и со него ќе управува аудиовизуелниот регулаторен орган – CSA (Conseil supérieur de l’audiovisuel).

Во меѓувреме, Ирска ќе се движи во поинаква насока. На 3-ти јули 2013 година, ирскиот врховен суд го поддржа пристапот „три предупредувања пред исклучување“, поддржувајќи ги четирите музички компании кои го обжалија налогот за извршување испратен од Комесарот за заштита на податоци на 5-ти декември 2012 година до Eircom, со кој се бараше да престане со спроведување на протоколот за три предупредувања со кој корисниците добиваат три предупредувања за нелегално преземање содржини пред да им се прекине интернет-врската.

Врховниот суд едногласно ја отфрли жалбата на комесарот за податоци против одлуката на Високиот суд бидејќи ирската агенција за заштита на податоци не прецизираше кои одредби од законите за заштита на податоци биле прекршени со протоколот.

Извор: ЕДРИ-грам „The French three strikes system gave up on Internet disconnection“ бр. 11.14, 17 јули, 2013.

 

Поврзани натписи