Мени

Европската комисија резервира 1 милијарда евра за инвестиции во широкопојасниот интернет

Во рамките на Европскиот план за економско закрепнување, Европската комисија има за цел да постигне 100 отсто покриеност со брз интернет за сите граѓани до 2010 година.

Денес беа резервирани 1 милијарда евра за помош во поврзувањето на руралните области со интернет, отворањето на нови работни места и развојот на бизнисите. Во просек, 93 отсто од европејците може да користат брза интернет конекција, но во некои земји широкопојасниот интернет покрива помалку од половина од руралното население. Широкопојасната интернет конекција се очекува да создаде 1 милион нови работни места и да ја зголеми економијата на ЕУ за дополнителни 850 милијарди евра во периодот од 2006 до 2015 г.

Инвестициите во широкопојасниот интернет имаат позитивно влијание врз економскиот развој, иновацијата и територијалната кохезија. Под претпоставка дека ќе има константна стапка на примена до 2015 г, една скорешна студија покажува дека развојот на широкопојасниот интернет ќе помогне во отворањето на околу 1 милион нови работни места во Европа и ќе придонесе за економски раст од 850 милијарди евра како резултат на широкопојасниот интернет.

Во области каде недостасува инфраструктура, како што се поретко населените или оддалечените и изолирани рурални области, зголеменото инвестирање во нова телекомуникациска инфраструктура ја зголемува продуктивноста и потенцијалот за вработување на локалната економија. Развојот и усвојувањето на пософистицирани услуги на широкопојасен интернет придонесува за поголема ефикасност на бизнисите и јавната администрација преку обезбедување на организациска иновација и олеснување на пристапот до пазарите. Влијанието на европската индустрија е секако позитивно: освен граѓанската работа за мрежи која има директно влијание врз локалното вработување, продажбата на мрежна опрема исто така ќе им оди во прилог на глобалните европски снабдувачи (како Siemens, Ericsson, Nokia, Alcatel-Lucent), како и телекомуникациските и сателитски оператори. Областите со напредни конекции на широкопојасен интернет ќе имаат зголемување на побарувачката за производи и услуги.

Широкопојасниот интернет е сè повеќе распространет во Европската унија, како резултат на заложбите на ЕУ и про-конкурентната регулаторна рамка воведена по либерализацијата на телекомуникацискиот сектор. Во декември 2007, околу 93 отсто од европејците имаа пристап до широкопојасен интернет, најмногу во густо населените области. Меѓутоа, 30 отсто од руралното население на ЕУ сè уште нема пристап до брз интернет.

На почетокот на 2008, повеќе од половина од европските корисници користеа рекламирани интернет брзини од над 2 мегабити во секунда, што се смета за минимум при овозможување на напредни сервиси како телевизија преку интернет и околу 10 отсто од корисниците имаа пристап до интернет со брзина поголема од 10 мегабити во секунда. Ова е добро во споредба со САД, каде 37 отсто од линиите на широкопојасен интернет нудат најмалку 2.5 мегабити во секунда и само 4 отсто имаат брзини еднакви или повисоки од 10 мегабити во секунда. Ова се сепак „рекламирани“ брзини кои ги надминуваат реалните. Всушност, брзината на интернетот се намалува со зголемување на растојанието помеѓу телефонската централа и локацијата на корисникот и/или кога неколку корисници истовремено пристапуваат на интернет.

Според стапката на пенетрација (распространетост на широкопојасниот интернет кај населението) која изнесуваше 21.7 отсто во земјите-членки од групата ЕУ 27 во јули 2008, Данска, Холандија, Шведска и Финска се лидери во областа на Организацијата за економска соработка и развој со стапки на пенетрација од над 30 отсто. Стапката на пенетрација во САД изнесува 25 отсто.

Во европските рурални области стапките на покриеност се многу помали од оние во урбаните средини и токму тука треба да се насочи европската помош.
Во руралните области на некои земји (на пример во Бугарија или Романија) недостасуваат дури и традиционалните телефонски мрежи. Во други, недостигот на инвестиции и тешките географски услови ја ограничија покриеноста со широкопојасен интернет на помалку од 50 отсто кај руралното население (Грција, Полска, Словачка). Дури и земјите со поразвиена инфраструктура сè уште имаат стапки на покриеност на руралните области под 80 отсто. Ова е случај со Република Чешка, Естонија, Ирска, Латвија и Литванија. Конечно, дури и во најразвиените земји (Германија, Франција, Италија, Австрија) сè уште има области каде поради нивната географска локација или планински релјеф, ги нема истите услови како во останатите делови од земјата.

Конечно, овие бројки се однесуваат на покриеноста со ДСЛ, која е најважната широко распространета платформа за пристап во Европа. Но, тие не ги земаат предвид луѓето кои живеат предалеку од телефонските централи за да имаат пристап до АДСЛ. Тоа е околу 3 отсто од населението во земјите-членки од групата ЕУ15 и многу повеќе во новите земји-членки.
Оттука, потребни се значајни инвестиции за да се обезбеди дека сите европејци ќе имаат право на широкопојасен интернет.

Извор: Europe’s Information Society “Commission earmarks €1bn for investment in broadband” 28 јануари, 2009.

Поврзани натписи