Мени

Италија: Отворените стандарди се најдобро решение за е-власта

Користењето на отворени стандарди и отворен код е најдобрата опција за плановите на Италија за модернизација на Владата, подобрување на образованието и намалување на трошоците, вели италијанската група за застапување на софтвер со отворен код Associazione per il Software Libero.

Минатата недела, италијанската влада ги претстави своите планови за е-власта.
Со „Пијано е-власт 2012“, министерот за јавна администрација и иновација Ренато Брунета се надева дека ќе ги постигне целите поставени од земјите-членки на Европската унија во Лисабон во 2007 за модернизација на Владите и зголемување на конкурентноста на регионот. Една од целите е и да се намалат оптоварувањата на администрацијата за 25 отсто до 2012 г.

Марко Кирчина, претставник на групата за застапување на слободен софтвер, забележа дека во плановите на Брунета не се спомнуваат отворени стандарди или софтвер со отворен код. „Сепак, тоа се најдобрите опции за имплементација на овој план.”

„Начелата на планот за зголемување на ефикасноста и транспарентноста, ќе помогнат слободниот софтвер и отворените стандарди да бидат прифатени од целата италијанска јавна администрација“, вели Кирчина.

Поборникот за софтверот со отворен код очекува Владата да се придржува кон сопствените закони, со кои се бара администрацијата да подготви компаративна анализа пред купување на софтвер и да користи отворени стандарди. “Брунета исто така ќе треба да ги земе предвид Насоките за јавните администрации за набавка на софтвер со отворен код“. (нацрт верзијата е објавена од Open Source Software Observatory and Repository во име на Европската комисија).

Употребата на интернет во Италија е далеку зад останатите земји-членки на ЕУ, изјави премиерот Силвио Берлускони при објавувањето на плановите. Само 17 отсто од италијанските семејства користат интернет, или речиси половина од европскиот просек кој изнесува 32 отсто.

Италијанските весници кои го следат и известуваат за планот за е-власт,  забележаа дека ден претходно министерот Брунета претставил три примери финансирани од Мајкрософт. Портпаролот на комерцијалниот произведувач на софтвер изјави дека трите пилот проекти биле понудени бесплатно. „Сакавме да му обезбедиме на Брунета некои конкретни примери кои покажуваат како може да се модернизира локалната самоуправа.“

Договорите за овие три проекти во последните неколку години беа критикувани од неколку италијански групи за слободен софтвер вклучувајќи го и Associazione per il Software Libero. „Ние всушност не можеме да коментираме за овие проекти, бидејќи Владата не го објави договорот“, изјави Кирчина. Тој додаде дека барањето за Слобода на информациите испратено од групата било прифатено пред неколку недели, и очекува министерството наскоро да обезбеди повеќе информации во врска со договорите. „Се надеваме дека тогаш ќе можеме да дознаеме дали овие три проекти го дискриминираат слободниот софтвер на кој било начин.“

Извор: Open Source Observatory “IT: Open standards the best option for E-government plan” 27 јануари, 2009.

Поврзани натписи