Мени
toshe

Тоше и Александар Македонски воскреснати на „Фејсбук“?!

Во случајот со профилите со името на Тоше Проески, најверојатно и не станува збор за класична кражба и злоупотреба на личните податоци. Веројатно во улога на креатори се јавуваат обожаватели на пејачот што се убедени дека прават нешто добро.

На листата на пријатели на „Фејсбук“ (или на која и да е мрежа за виртуелна комуникација) додај го и Тоше Проески. Или Александар Македонски, Наполеон Бонапарта… И додека овие одамна починатите може да се сметаат за нечиј прекар или уметничко име, а создавачот под тие имиња да објавува свои лични информации, податоци и фотографии, крајно морбидно и невкусно е креирањето постхумен кориснички профил на личност од чија смрт не поминала ни една година.

 

toshe

 

Знаеме дека има повеќе профили на различни мрежи со името на Тоше и повеќепати сме реагирале за негова злоупотреба. Некои сè уште ги има на Интернет – вели Андреј Николовски, директор на фондацијата „Тоше Проески“, која се грижи за заштитата на ликот и делото на мегаѕвездата.

ДЗЛП добива се повеќе пријави

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) велат дека известувања за злоупотреба стигнуваат сè почесто, а најголем дел од нив се однесува токму на мрежите за виртуелна комуникација. Освен за креирање лажни профили, какви што имаат и Каролина Гочева, Љубе Бошковски, претседателот Бранко Црвенковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и голем број други јавни личности, до ДЗЛП стигнуваат пријави и за објавување фотографии без дозвола на забавните сајтови што го следат ноќниот живот во клубовите и кафулињата.

– ДЗЛП реагира на сите пријави за злоупотреба на лични податоци што ги добива. Доколку домејнот на кој е објавен лажен кориснички профил или е забележен каков и да е друг тип злоупотреба е регистриран во Македонија, имаме право да казнуваме и да спроведуваме санкции. Но ако станува збор за светска мрежа, чиј домејн е регистриран надвор од земјава, немоќни сме – вели Елена Стојановска, одговорна за односи со јавноста во ДЗЛП.

Сепак, ДЗЛП упатува писмени реакции до администраторите што ги одржуваат овие мрежи во земјите каде што се регистрирани и од досегашното искуство добиваат позитивни одговори од нив. Сепак, според Стојановска, тоа е само резултат на нивната добра волја, а немаат законска обврска кон ДЗЛП, како кон орган на Република Македонија. Овие интернет-страници функционираат на принцип на креирање кориснички профили каде што лицата се регистрираат преку внесување лични податоци во наведени задолжителни и незадолжителни полиња. Со регистрацијата корисникот се согласува на условите на мрежата, кои во слободно толкување значат дека администраторите може да прават што сакаат, освен ако не добијат судски налог за отстранување определена содржина.

Добри намери?!

Во случајот со профилите со името на Тоше Проески, најверојатно, и не станува збор за класична кражба и злоупотреба на личните податоци. Веројатно во улога на креатори се јавуваат обожаватели на пејачот што се убедени дека прават нешто добро.

– Можеби авторите на овие лажни профили имале најдобри намери, но старата поговорка вели дека и патот до пеколот е поплочен со добри намери. Креирањето лажни профили на порталите за социјална интеракција не е во согласност со одредбите на основните принципи и со Законот за заштита на личните податоци. Дополнително, случајот со профилот на Тоше е многу невкусен, со оглед на тоа што од неговата смрт не помина ни една година – вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“, фондација за одржливи информатички решенија.

Според него, обожавателите што сакаат да ѝ укажат почест на почината личност најдобро е да отворат веб-сајт на обожаватели, група на мрежите за виртуелна комуникација (какви што веќе постојат во голем број), а не постхумен профил.

Вака излегува дека декларираните обожаватели на Тоше се најголеми душмани на авторските права што ги покриваат неговите дела – оти ги споделуваат без дозвола – објаснува Стојановски.

 

Извор: Нова Македонија „Тоше и Александар Македонски воскреснати на „Фејсбук“?!“ бр. 21506, 4 октомври, 2008.

Поврзани натписи