Мени

Владата на РМ потпиша стратегиски договор со Мајкрософт

После потпишувањето, г. Горан Радман, генерален менаџер на Мајкрософт Адриатикс имаше состанок со претставници на НВО на кој го претстави договорот од аспект на неговата корпорација.

Вчера во Скопје, Владата на РМ потпиша Договор за стратегиско партнерство со корпорацијата Мајкрософт.

Договорот важи четири години и беше потпишан од потпреседателката на Владата Радмила Шеќеринска и Жан-Филип Куртуа, потпреседател на Мајкрософт задолжен за регионот ЕМЕА (Европа, Блиски Исток и Африка).

После потпишувањето, г. Горан Радман, генерален менаџер на Мајкрософт Адриатикс (регион што ги опфаќа бившо-југословенските држави и Албанија) имаше состанок со претставници на НВО на кој го претстави договорот од аспект на неговата корпорација.

На состанокот присуствуваа претставници на организациите: Слободен софтвер – Македонија, Центарот за ИКТ – Метаморфозис, Балкан идеја и Транспарентност – Македонија.

Г. Радман објасни дека со договорот опфаќа зајакнување на законската заштита на интелектуалната сопственост, целосна легализација на владиниот софтвер и инвестиции на Мајкрософт од 6 милиони долари преку локализација на неговиот софтвер на македонски и албански јазик и пренос на технолошки и деловни знаења на 20 одбрани македонски компании.

Тој исто така објасни дека Мајкрософт на глобално ниво ќе ја исправи долгогодишната „грешка“ во однос на идентитетот на Македонија, на пример претставувањето на македонскиот јазик како „БЈРМакедонски“ и слично во неговите изданија.

Со склучениот „ентерпрајз агримент“ (договор за големо претпријатие) Владата во рок од четири години на 4 рати ќе треба да плати до 3.9 милиони долари за 6.200 лиценци за софтверот што веќе го користи и кои опфаќаат клиентски лиценци (било кој ОС на Мајкрософт во употреба и Офис икс-пе профешнл), серверски софтвер, лиценци за пристап до серверите и консултантски услуги.

Покрај тоа, државните службеници ќе смеат да го користат истиот софтвер што го имаат на работа и дома, а Мајкрософт ќе донира уште 6.200 лиценци за употреба во образованието и ќе обезбеди обука за наставници по информатика.

Според г. Радман, Мајкрософт очекува да почне да остварува профит во Македонија за 5 години.

Поддржувајќи ги најавите на Владата за транспарентност, г. Радман објасни дека Мајкрософт, особено по отворањето на неговата локална канцеларија, е подготвен да соработува со сите локални ентитети кои работат на полето на информатиката, па и заедницата за отворен код.

Претставниците на Слободен софтвер – Македонија се интересираа за достапноста на самиот договор, при што им беше одговорено дека тој нема тајни клаузули и дека Владата може да ја објави неговата содржина. Г. Радман исто така изјави дека Мајкрософт се залага за стандардизирање на форматите на документи со кои ќе работи Владата, за да се обезбеди интероперабилност со софтвер на други производители.

Г. Филип Стојановски од Метаморфозис се интересираше за најавената улога на Мајкрософт во создавањето на македонската Национална стратегија за информатички развој и посочи на потребата за обезбедување на квалитет во процесот на локализација преку вклучување на разновидни стручни фактори.

Г. Радман одговори дека Мајкрософт е подготвен да помогне, и дека според неговото искуство најдобро е да не се губи време, туку да се преземе Лисабонскиот документ на ЕУ.

Тој објасни и дека Мајкрософт планира да го примени стандардниот метод на локализација, кој опфаќа и лекторска контрола и некаков вид соработка со соодветни тела, но дека на крај Мајкрософт ќе пресече.

Локалната јазичка верзија ќе биде достапна како додавка (add-on language interface) што ќе може да се вклучи „над“ англиската верзија на програмите. Таа најверојатно ќе биде бесплатна за сите легални корисници.

Г. Зоран Јачев од Транспарентност-Македонија се интересираше за пазарната цена на софтверот кој се купува со договорот, на што г. Игор Петрески од Слободен софтвер – Македонија му одговори дека Виндоузот се продава за 80 а Офисот за 500 евра.

Според г. Радман, со оглед на тоа што договорот вклучува и серверски софтвер и други производи и услуги, пресметките зависат од повеќе фактори и дека тој проценува дека сумата што ќе ја плати Владата е околу 3 пати пониска од комерцијалната.

На прашањето дали имало обврска за тендер, г. Радман одговори дека одговорните во Владата, кои ги пофали за нивната ИТ стручност, искористиле клаузулата во антимонополскиот закон според која не морале да распишат тендер бидејќи Мајкрософт е единствен производител на светот на технологијата што ја користи Владата.

Повеќе информации од други медиуми:

 

Поврзани натписи