Мени

Кандидати само со конто од триста милиони евра

Владата одлучи дека пет милиони евра е минималниот еднократен надомест што ќе треба да го плати третиот мобилен оператор за да добие фреквенција за давање услуги во мобилната телефонија. По предлог на Владата, за трет мобилен оператор ќе можат да конкурираат само компании што имаат годишен приход поголем од триста милиони евра и најмалку два милиони корисници.

Премиерот Никола Груевски и препорача на Агенцијата за електронски комуникации и критериуми за избор на најповолен понудувач, како што рече, за да се добие реномиран оператор, драстично да паднат цените на услугите и да се либерализира пазарот на мобилна телефонија.

Владата препорача при изборот на најповолен понудувач цените на услугите што ќе ги нуди потенцијалниот трет оператор да се вреднуваат со 50 поени. Потоа висината на еднократниот надомест за фреквенции да се бодува со 25 поени, бонитетот на компаниите да се вреднува со 25 поени, а нивото на инвестиции да не се зема како критериум при бодувањето.

Компаниите ќе треба да достават и банкарска гаранција од светски реномирана банка во висина од сумата што ќе ја понудат за користење радиофреквенции. Идниот оператор ќе добие одобрение за користење фреквенции за период од десет години со гарантирано продолжение на овој период за уште десет години. Владата наложи третиот мобилен оператор да почне да работи по шест месеци откако ќе го добие одобрението и во првата година да оствари покриеност на населението од 30 отсто. Во втората година операторот ќе треба да реализира 50 отсто, а во четвртата година 90 отсто покриеност на населението.
 
Владата и наложи на Агенцијата за електронски комуникации до 15 декември годинава да обезбеди ревизија на постојната референтна понуда за интерконекција во која цените ќе бидат базирани на трошоците на работењето и ќе бидат пониски од малопродажните цени што ги нуди „Македонски телекомуникации“ до крајните корисници.
 
Оттаму најавија дека Министерството за финансии ќе изврши измена на законот за јавни набавки за да се предвиди можноста од задолжителна постапка за јавна набавка при избор на оператор. За побрза реализација на пазарот, Министерството за транспорт и врски доби задача во најкус можен рок да издава градежни дозволи за базни станици на новите мобилни оператори.
 
На конкурсот за распределба на радиофреквенции , кој под притисок на Владата го распиша Агенцијата, се јавија тринаесет компании, меѓутоа меѓу нив немаше ниту едно светски реномирано име. Повикот со кој ќе се бара трет мобилен оператор ќе се објави денеска.                     
 
Владимир Николоски
Извор: Време (30.10.2006)

Поврзани натписи