Мени

Нема кој да сурфа во земјата на безжичен интернет

Светската промоција на Македонија како прва земја покриена со безжичен интернет паѓа во сенка на поразувачките факти за бројот на корисниците „закачени“ на глобалната мрежа
Светската промоција на Македонија како прва земја покриена со безжичен интернет паѓа во сенка на поразувачките факти за бројот на корисниците „закачени“ на глобалната мрежа. Со само околу 6 отсто од населението што користат интернет сме на претпоследно место во регионот, а во светски рамки може да се споредиме со африкански земји во развој. Околу 70 отсто од Македонците никогаш не користеле интернет, а само 26 отсто од сите компјутери во земјата се приклучени на глобалната мрежа.

Главна причина за ниското ниво на користење на интернетот се високите цени за оваа услуга и на компјутерската опрема. Иако пазарот на интернет-услуги е либерализиран, другите провајдери не можат сериозно да му конкурираат на главниот играч „Македонски Телекомуникации“ и да ја урнат цената. Не смее да се занемари стандардот на македонскиот граѓанин, кој со просечна плата од 200 евра не може да си дозволи да одвои триесетина евра месечно за АДСЛ-приклучок. Кога изборот се сведува на интернет или леб, се знае што се избира.

Други ограничувачки фактори за поголемо користење интернет се ниското ниво на информатичка писменост, пред се, кај повозрасната популација, и немањето доволен број интернет-содржини на македонски јазик.

Интернетот се користи главно за испраќање и за читање електронска пошта и забава. Електронското банкарство, он-лајн купувањето, плаќањето на сметките или пополнувањето формулари или пријави од дома преку интернет и многу други услуги допрва се развиваат.

Монопол или дуопол

За да се унапреди нивото на користење на интернетот во земјава, реализиран е проект преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), со кој преку безжична мрежа се поврзани сите основни и средни училишта. Проектот го реализира интернет-провајдерот „Он.нет“, кој ќе ја користи безжичната мрежа и за комерцијална употреба. Во граѓанското здружение „Интернет Македонија“ се разочарани од безжичната мрежа, од која очекувале дека ќе понуди поконкурентни цени и поквалитетна услуга од тие на „Македонски Телекомуникации“.

– Една од целите на овој проект беше да се создаде нова мрежа, покрај постојната на Телекомот, за преку неа да може да се понуди интернет-пристап по пониски цени и на тој начин да се зголеми бројот на корисниците. Наместо тоа, комерцијалната понуда на „Он.нет“ ја пресликува понудата на Телекомот. Нашите пресметки покажуваат дека 1 гигабајт податоци во АДСЛ-понудата на Телекомот чинат 413 денари, а кај пакетите на „Он.нет“- 445 денари. Се потрошија многу пари, а нема вистинска либерализација, наместо да се разбие монополот, се воспоставува дуопол – вели Александар Николов, од „Интернет Македонија“.

Улогата на државата
 
Македонија со вакво ниво на користење интернет не може да очекува брз влез во Европа и интегрирање во информатичкото општество. Квалитетен и евтин интернет-пристап е основа за широка достапност на услуги и знаења што овозможуваат забрзан економски развој и подобрување на квалитетот на животот. Развојот на информатичката технологија и телекомуникациите кај нас се одвива многу бавно иако во светот оваа дејност е една од најбрзо растечките и најдоходовните.

Членовите на „Интернет Македонија“ бараат Владата и Собранието веднаш да почнат да ја применуваат усвоената Национална стратегија за развој на информатичкото општество.

– Во стратегијата стои дека еден од приоритетите е да се обезбеди интернет-пристап по прифатлива цена. Досега нема каков било ефект од документот што остана само на хартија. Во стратегијата се предвидува државата да одвојува 1-1,5 отсто од буџетот за развој на информатичкото општество. Во годинашниот буџет воопшто нема ваква ставка. Оставено им е на министерствата самостојно да одлучуваат дали ќе потрошат пари за оваа намена и тогаш парите главно се трошат за семинари или симпозиуми – вели Николов.

Марјан Блажевски – Сашо Кокаланов
Извор: Дневник

Поврзани натписи