Свет
Регионална конференција POINT 2.1: „Отчетност на владата, граѓанското општество и новите технологии“
06.12.2013
Фондацијата Friedrich Ebert во соработка со UG Zašto Ne ја одржа регионалната конференција „Отчетност на владата, граѓанското општество и новите технологии – POINT 2.1“ на 23 ноември, 2013 г.
Настанот се надоврза на годишната конференција „POINT“ којашто UG Zašto Ne ја организира од 2012 г. со цел размена на искуства на граѓанското општество во контекст на употребата на нови технологии за демократизација на јавниот живот и за промоција на отчетноста и транспарентноста на владата, како и за граѓански активизам.
Говорници и учесници во дискусијата беа претставници на граѓански организации од регионот, кои учествуваа и на претходните две конференции POINT: претставници на CRTA од Србија, Zašto Ne, CCI и Revolt од БиХ и Метаморфозис и МОСТ од Македонија.
Покрај тоа што ја нагласија важноста на транспарентноста и усвојувањето на новите закони, учесниците ги истакнаа големите можности што обелоденувањето податоци на интернет ги носи за целото население. Организаторите и учесниците се согласија дека биле направени многу работи за искористување на новите технологии за создавање влади со поголема отчетност во регионот, но и дека размената на искуства може да помогне во распространувањето на добрите практики низ регионот.
Претставникот на Метаморфозис ги претстави искуствата од Вистиномер во Македонија во однос на барање отчетност од властите преку поттикнување дискусии меѓу граѓаните за дадените ветувања и изјави. Покрај тоа, претставникот нагласи дека е неопходна одговорност и од другите клучни фактори во политичкиот процес, заради што беше покренат проектот „Сервис за проверка на факти од медиумите“, со цел да го поттикне придржувањето кон новинарските стандарди од страна на медиумите.