Мени
webit2011

Се одржа Webit 2011

На 26 и 27 октомври, во Софија се одржа третиот по ред Webit, интернационален настан за дигитален маркетинг и ИТ индустрија воопшто, најмногу наменет на компаниите и експертите од областа на маркетингот во Централна и Источна Европа.

webit2011Овогодишниот настан, според организаторите, го посетиле повеќе од 5.000 луѓе од над 45 земји. Во текот на двата дена, паралелни сесии се одвиваа во 5 сали, но грото од публиката беше концентрирана на главната „сцена“. Од поголемите компании, се претставија Јаху, Гугл, Фејсбук, Пејпал, Јандекс, Мајкрософт и др. Во фокусот беа тактиките за онлајн огласување и нивното интегрирање со традиционалните форми.

Очекувано, во многу презентации се ставаше акцент на интеракциите на корисниците кои огласувачите треба да ги поттикнуваат со цел да постигнат поголема лојалност кон производот или услугата. На ваквата идеја веќе нè подготвија некои од скорешните промени на најголемата социјална мрежа, Фејсбук, која почна да го мери степенот на ангажираност на публиката на одредена страница преку бројки изразени под синтагмата „talking about this“.

Со оглед на ова, публиката со нетрпение ја очекуваше презентацијата на претставникот од Фејсбук, кој пак и не кажа нешто ново, туку само ги предочи очигледните начини за промоција на брендовите преку оваа социјална мрежа.

Од останатите излагачи, многу го привлече вниманието презентацијата на Марк Бресил од Мајкрософт, кој зборуваше за интегрирани реклами и претстави една интересна приказна за промовирање нов производ, но за жал, публиката не можеше да ужива во целост, поради технички проблеми со звукот, па мултимедијално богатата презентација делуваше доста немо.

Малку се фрли светло и врз политиките за приватност на кои компаниите треба да внимаваат, а организаторот Пламен Русев низ едукативна презентација ја испромовира својата книга „Power to the people” (на бугарски). Вториот ден скоро целосно беше посветен на мобилниот маркетинг и социјалните мрежи.

Webit е конференција со изразит комерцијален карактер. Големите компании доаѓаат да се промовираат пред бројна публика, да кажат кој што има направено и како и зошто тоа да се користи. Патем, нешто сепак може и да се научи. Меѓу сета статистика, слични слајдови и фалбаџиски говори, имаше нешто што провејуваше низ целиот настан – верба во дигиталниот маркетинг и можностите кои тој ги отвора за компаниите, притоа секогаш ставајќи го корисникот во фокусот. Накратко, ако ги тргнеме настрана непостојаната интернет конекција, прекрасната визуелна изведба во просторот и многуте паралелни сесии низ кои прошетаа илјадници луѓе, сепак, на Webit 2011 можеа да се чујат и инспиративни презентации.

За настанот од Македонија пишуваа блогот eMarketing, веб-сајтот Кригла пиво, Капитал и др.

Поврзани натписи