Социјалните мрежи „експлодираа“од дезинформации за вакцините
Вистинска експлозија од дезинформации за ковид-19 во изминатиот период се случи на интернет просторот, пред сѐ, на социјалните мрежи. Ширењето невистини, полувустини и манипулации особено се засили со стартот на масовната вакцинација и налетот на делта сојот на короновирусот. Во овој четврти бран од пандемијата наративот во креирањето на погрешна слика за опасната болест се насочи главно кон вакцините. Се пласираа паушални и неточни тврдења дека вакцините се неиспитани, неефикасни, штетни по човековото здравје, а сѐ со цел да му се наштети на поцесот на имунизација и да се одвратат луѓето од намерата да се вакцинираат. Изминативе месеци „Вистиномер“ дебанкираше стотина вакви објави
Во ширењето на дезинформациите предничеа неколку профили на Фејсбук со постојани објави на оваа тема кои беа прилично вирални. Истите личности беа најгласни и на антиваксерските простести кои се одржаа минатиот месец.
СПАСОТ Е ВО ВАКЦИНАЦИЈАТА
Ваквите постови повикувајќи се на изјави извадени од контекст, на студии кои немаат научна основа, во јавноста шират невистини против вакцинацијата од коронавирусот. Во таа смисла се тврди дека масовната вакцинација не е спасот од вирусот, дека вакцините се полни со токсини, дека содржат графен оксид, спајк протеин и луцифераза, дека имаат микрочипови и магнетизирачко дејство, дека тие не се испитани и не се знае какви несакани ефекти може да предизвикаат на подолг рок.
Арно ама, наспроти ваквите тврдења секојдневно има нови докази дека спасот од оваа опасна болест е во вакцинацијата, дека вакцинираните лица стекнуваат имунитет и доколку се заразат тие имаат далеку полесни симптоми. Според Центарот за контрола и превенција од заразни болести, невакцинираните луѓе во моментот се најголемата грижа. Тие што примиле две дози, а се заразиле со ковид-19 се многу поретки , отколку инфекциите кај невакцинираните. Впрочем и последните епидемиолошки анализи на Министерството за здравство покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид во земјава имало во градовите каде има најнизок процент на вакцинирано население.
„Вистиномер“ во повеќе наврати пишуваше дека нема научни докази дека вакцините содржат графен оксид. А странските сервиси за проверка на факти, како оние на „Ројтерс“и на „Асошиејтед Прес“, објавија дека во ниедна вакцина која се администрира против ковид го нема ензимот луцифераза. И на официјалната веб-страница за вакцинација во земјава, каде се наведени состојките на сите вакцини кои се администрираат во С. Македонија, никаде не се споменува ниту графен оксид, ниту луцифераза.
Во однос на тврдењата за поврзаноста на спајк протеинот и вакцините, голем број медицински извори укажуваат дека спајк протеинот во вакцината не е ист како тој на коронавирусот. А, покрај тоа, оној што го има во вакцината е во многу мали количества, а телото го отстранува без последици откако ќе се создаде имун одговор. Во ваквите постови намерно погрешно се интерпретира една научна студија. Но, според коавторот на студијата, присуството на минорни количества спајк протеин не значи дека мРНК вакцините имаат потенцијал да предизвикаат сериозна штета. И професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ изјави дека спајк протеинот што се создава по вакцината не е ист како тој на коронавирусот.
Досега неколкупати се дебанкирани и информациите дека вакцините против ковид-19 содржат некаков чип. Факт е дека вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Всушност, компанијата „АпиЏект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Како што веќе пишувавме, овој микрочип е наменет само за САД, а не за С. Македонија. Оваа технологија е сосема опционална и американската влада сè уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не. Важно е да се напомене и дека вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар и тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто.
Покрај ова, вакцините против ковид-19 не содржат абортирани фетуси, ниту, пак, бубрези од мајмуни или пилешки ембриони. А, не е точно ниту тврдењето дека вакцините против ковид-19 ја менуваат вашата ДНК.
ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР
Неизбежни беа и конспиративните теории за сопственикот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс , кој наводно има план за депопулација преку масовна вакцинација на населението ширум светот! Притоа се инсинуира дека тој „очекува 700.000 жртви како последица на вакцинацијата“. И ваквите дезинформации се, исто така, дебанкирани.
Мултимилијардерот, кој инвестира во развојот и производството на вакцини против коронавирусот, никогаш не изјавил такво нешто. Во интервју за „CNBC“ од 9 април минатата година, тој ги потврдува напорите за изнаоѓање на безбедна вакцина која ќе биде ефикасна и за постарите лица, без нуспојави и само хипотетички наведува дека ако има несакани реакции кај еден на 10.000, а тоа потенцијално може да погоди 700.000 луѓе. Никогаш не кажал дека нусефектите ќе бидат фатални, како што се тврди во постовите кои се шират на Фејсбук, ја подгреваат антиваксерската кампања и имаат негативно влијание врз процесот на вакцинација.
АНТИВАКСЕРИ И „ЛАЖНА ПАНДЕМИЈА“
Паралелно со дезинформациите за вакцините по социјалните мрежи продолжија да се шират и добро познатите невистини дека панедемијата е лажна, маските не штитат, а ПЦР тестовите не го детектираат коронавирусот, за што се говореше и на антиваксерскиот протест во Скопје.
Но, Светската здравствена организација (СЗО) и американскиот Центар за контрола и превенција на болести – CDC (ЦДЦ), никогаш не ги проблематизирале ПЦР тестовите. Напротив, ставот е дека ПЦР- тестот прецизно го детектира присуството на коронавирусот.
СЗО е децидна и дека носењето маска е клучна мерка за да се спречи трансмисијата на ковид-19, како и да се спасат животи. Маските, како што наведуваат оттаму, треба да се користат во сеопфатен пристап, со физичка дистанца, одбегнување гужви и седење во затворен простор, добра вентилација, често миење на рацете.
А, дека ковид-19 не е никаква измама покажуваат и статистиките. До моментот на пишувањето на овој текст, во светот од овој вирус од почетокот на пандемијата се заразиле речиси 220 милиони луѓе, а над 4,5 милиони починале. Во Македонија досега (состојба со 07.09.2021) има 6.129 починати, а бројот на ковид дијагностицирани од почетокот на пандемијата е 180.919.
Текстот е преземен од Вистиномер
Сподели: