Препораки за подобрување на состојбата – Отвореност на Собранијата во регионот и во Северна Македонија

Фондација за интернет и општество Метаморфозис, во соработка со партнерите од регионалната мрежа на НВО-и „ACTION SEE“, ја изготви најновата студија на јавна политика во која го анализираме нивото на транспарентност, отвореност, отчетност на собранијата во регионот на Западен Балкан.

Отвореноста на Собранието на Република Северна Македонија е незначително подобрена во споредба со 2018, односно исполнува 66% од индикаторите за отвореност, што е за 5% повеќе од претходната година. Тренд на благо подобрување на отвореноста се бележи и на регионално ниво, бидејќи во последната година парламентите ја подобрија исполнетоста на индикаторите за отвореност за 4%. Сега регионалниот просек на отвореност е 66%, со што Собранието на Република Северна Македонија со своите 66% отвореност влегува токму во рамките на регионалниот просек. Благиот пораст на отвореноста упатува дека Собранието применило незначителен или минимален дел од препораките на ова истражување дадени во изминатите две години. Впрочем, може да се каже дека усвојувањето на Етичкиот кодекс за однесување на пратениците во 2018 година е речиси единствениот индикатор за активна транспарентност која ја придвижи активната отвореност на Собранието во последните три години. Сепак, и покрај слабиот напредок, Собранието е на второто место на отвореност на институциите во Република Северна Македонија, веднаш после Владата, која исполнува 78% од индикаторите за отвореност. Се чини дека и покрај неколкуте иницијативи на Собранието да се ангажира за подобрување на транспарентноста, функционалноста и кредибилноста на институцијата, постојаниот општествен контекст и политичките кризи влијаат врз овие процеси, како што се, на пример, измените на Деловникот, бидејќи за неговата измена веќе подолг период не може да се постигне консензус помеѓу парламентарните партии.

Целиот документ можете да го прочитате на овој линк.