Мени

Одбрани македонските претставници за Наградата на Светскиот самит

Мултидисциплинарното Жири на Наградата на Светскиот самит за информатичко општество Македонија ги одбра македонските претставници на глобалниот натпревар.

Како дел од процесот на избор за Наградата на Светскиот самит, Жирито се состана на 5 јуни во Стопанската комора на РМ, кога беа извршени и презентации на поголем дел од проектите-кандидати. Жирито продолжи со дебата за изборот по електронски пат која заврши со уште еден дополнителен состанок на 8 јуни во просториите на Метаморфозис. По тој состанок беа донесени крајни одлуки за победниците во сите осум  категории: 

Категорија Македонски кандидат за глобалниот избор* Организација,  институција, автор
Директни
врски
(линкови)
Вид
е-владеење АpplyOnLine Агенција за држ. службеници линк Веб
е-здравство Детско здравје НО Детска насмевка линк Веб
е-наука Мобилен сервер за глобален мониторинг Борис Секирарски линк Веб
е-учење Едукативен ЦД-РОМ Бојан и Јана во светот на игрите Визијанет
(поддржан од Метаморфозис)
линк ЦД
е-забава Каде вечер Мартекс линк Веб
е-култура Портал: Дигитизација на националното наследство Институт за информатика при ПМФ линк Веб
е-бизнис Национален портал за туризам Exploring Macedonia линк Веб
е-вклучување Портал за пристапна ИТ ЗГ Отворете ги прозорците линк Веб

 

Дополнително, Жирито донесе одлука за решителна осуда на сите кои ги користат е-содржините за промовирање омраза (расна, верска, етничка, хомофобија, мизогинија) и други криминогени појави, повикувајќи на подигање на свеста и кај јавноста и кај авторите на е-содржини кои треба да бидат свесни дека со учеството во медиумскиот простор покрај привилегиите повлекува и одговорности.

Изборот на Наградата за Светскиот самит за информатичко општество за Македонија за 2007 година го организираше Фондацијата Метаморфозис, а го изврши независно мултидисциплинарно експертско жири преку стриктно следење на насоките дадени од организаторот на глобално ниво и спроведување на принципите на транспарентност.

Активностите од изборот на Наградата на светскиот самит досега се одвиваа на следните меѓусебно поврзани полиња:

  1. Организација на Жирито
  2. Поттикнување на учество и пријавувње на учесниците
  3. Спроведување на изборот

Организација на Жирито

За потребите на изборот, тимот на Фондацијата Метаморфозис покани низа стручњаци од образовниот, владиниот, деловниот и граѓанскиот сектор кои посредно или непосредно преку своите професионални ангажмани придонесуваат кон развојот на информатичкото општество во Македонија. Во дискусијата за утврдување на процедурите и критериумите за избор беа вклучени над 40 експерти, додека во комисиите во кои се вршеше гласање по категории учествуваа 30 члена.

Сите членови на Жирито својата работа ја извршија без хонорар, на волонтерска основа, помагајќи го изборот со вложување на својата експертиза и време.

При составот на Жирито, особено внимание беше посветено на репрезентативноста и инклузивноста. Во однос на родова застапеност, 60% од членовите се мажи, а 40% се жени. Во однос на етничката припадност, 20% се припадници на немнозински етнички заедници. Дополнително, 30% од членовите на Жирито се доктори на науки или магистри.

За секоја од осумте категории на е-содржини беше формирана посебна комисија за гласање. Заради спречување на дискриминација по било која основа, но и конфликти на интереси, беше воведено правило во таквите комисии да не може да земат учество членови на Жирито чии организации или институции учествуваат со проекти.

Поттикнување на учество и пријавување на учесниците

Фондацијата Метаморфозис спроведе низа активности за зголемување на бројот на кандидати на натпреварот. За таа намена беа преземени следните мерки:

  1. Конкурсот за Наградата беше објавен во вид на платен оглас во пет дневни (Дневник, Утрински весник, Вест, Време, Факти) и два неделни весници (Теа модерна и Капитал).
  2. Информацијата за конкурсот беше пренесена бесплатно и од неделникот Неделно Време (во вид на напис на две страници) и во месечникот Авангарда како дел од нивната соработка со граѓанскиот сектор.
  3. Беше организирана програма за рекламирање преку интернет со размена на банери благодарение на мрежата од над 30 веб-сајтови-промотори кои имаа можност доброволно да се вклучат.
  4. Информацијата беше раширена и по е-пошта, со користење на директни контакти, како и преку априлскиот и мајскиот број на е-билтенот на Метаморфозис, кои имаа по 726 односно 752 претплатници.
  5. На 11 мај беше организирана јавна трибина на тема „Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ на која се промовираше Наградата.

Спроведување на изборот

На првиот состанок на Жирито одржан на 23 април 2007 г. беше утврдена динамиката и начинот на работа. Во меѓувреме кандидатите имаа можност да се пријават на изборот преку формулар на веб-сајтот на Наградата. Пријавените кандидати по е-пошта беа известувани за приемот на нивните пријави и добиваа опциони формулари за дополнителни информации наменети за подетално претставување на нивните проекти.

По изминувањето на крајниот рок за пријавување на 31 мај 2007 г., организацискиот тим ги објави сите пристигнати материјали на веб, ставајќи ги на увид на членовите на Жирито, но и на целата јавност. Овој процес беше завршен на 2 јуни.

На 5 јуни беше обезбедена можност за претставување на сите проекти пред членовите на Жирито. 27 од вкупно 41 пријавен проект ја искористија оваа можност.

Претставувањето беше отворено за јавноста и за учесниците. Покрај можноста за директна комуникација со сите членови на жирито и претставување на нивните проекти, учесниците имаа можност за вклучување во дискусиите и поставување прашања и изнесување мислења, како за своите така и за конкурентските проекти.

По претставувањето, Жирито одржа дискусија, проследена со отворено гласање по категории. За одредени категории дискусијата продолжи и по пат на е-пошта. Беше организирана уште една средба на релевантната комисија на Жирито на 8 јуни во просториите на Метаморфозис, по што беше соопштена конечната одлука за избор на македонските претставници за Наградата на Светскиот самит за 2007. Веднаш потоа, резултатите беа објавени на веб . На 9 јуни, до сите учесници беше испратена порака по е-пошта со која беа известени за резултатите.

 

* Организаторите и жирито на Наградата на Светскиот самит за Македонија немаат контрола врз содржините на горенаведените веб-сајтови (надвор од доменот wsa.org.mk) и нивното учество во натпреварот не повлекува одобрување на сите содржини кои се објавени или во иднина ќе бидат објавени на нив.

Поврзани натписи