Се одржа меѓународната конференција „Е-Општество“ на тема проверка на факти и влијанието на новите технологии врз новинарството

01.02.2016

Година : 2016

Лажните вести претставени како факти, фикција како реалност и (зло)употреба на принципите и стандардите врз кои почива доброто новинарство беа тема на 12-тата меѓународна конференција „Е-општество.мк“: „Проверката на факти и влијанието на новите технологии врз новинарството“, која се одржа вчера во организација на Фондацијата „Метаморфозис“.
На конференцијата се разговораше за важноста на проверката на фактите во медиумите и од аспект на борба против лажните вести и од аспект на почитување на стандардите во новинарството.
– Сервисот за проверка на факти во медиумите е одлична алатка за едуцирање на граѓаните да препознаат вистинити и квалитетни информации, а со тоа и да придонесат во демократизацијата на општеството – рече Бардил Јашари, директор на Фондацијата „Метаморфозис“.
Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн рече дека категориите вести, факти, фикција, пропаганда, сè почесто се мешаат и сè потешко се прави разлика меѓу нив во светот.
– Медиумската писменост е многу важна за развојот на демократијата, а етичките медиуми ни помагаат да ја разбереме околината во која што живееме. Македонија не е исклучок и затоа Сервисот за проверка на факти има сè поважна улога. Поддржувајќи го Сервисот ние поддржуваме независно, кредибилно и точно новинарство, како и новинарство базирано на факти и на почитување на новинарските стандарди – рече Стајн.
Претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија Мирче Адамчевски изјави дека според искуството од жалбите што пристигнуваат до Советот, етиката во медиумите се влошува. Преку 70 отсто од сите жалби се однесуваат на непочитување на основното новинарско правило за проверка на точноста на информацијата. Покрај тоа бројни се примерите за прекршување на правилото за почитување на приватноста, говорот на омраза, мешање на факти со коментари.
Сервисот за проверка на факти во медиумите на фондацијата „Метаморфозис“ од почетокот на своето постоење има објавено преку 4.000 илјади текстови од типот на рецензии, анализи, новинарски лекции. Главната цел на сервисот, според прогрмаскиот директор на „Метаморфозис“ Филип Стојановски и уредникот Владимир Петрески, е промоција на медиумската писменост, а со тоа повисока свест и знаење кај граѓаните да бараат од медиумите одговорност и медиумски стандарди.
Искуствата од регионот од слични проекти, како на пример медиумските сајтови „Истиномјер“ од Босна и Херцеговина и „Истиномер“ од Србија, само ја потврдуваат важноста од постоењето на вакви факт чекинг сервиси за подигање на медиумската писменост и новинарските стандарди, како и за разликување на лажното од вистинитото, на веста од фикцијата.
Покрај нив, преку видеоврска присуствуваше и Петар Померанцев, британски експерт за медиуми, а со видеопорака се обрати и Алексиос Манцарлис, директор на Меѓународната мрежа за проверка на факти.
Во вториот дел од конференцијата се одржаа три паралелни работилници, а целиот настан можеше да се следи на интернет преку http://vozivo.mk.
Kонференцијата е организирана во рамки на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија, компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Фондацијата „Метаморфозис“.