Слободата на изразување во „дигиталниот свет“

Пишува: Мила Јосифовска Даниловска

Правото на слободно изразување е суштествена основа на демократското општество. Неможноста на државата ова право да го ограничи, без „оправдана причина“ е показател за степенот на демократската зрелост на едно општество. Правото на слободно изразување е гарантирано со низа меѓународни правни акти, кои нашата земја ги има ратификувано, што значи презела обврска за почитување, гарантирање и заштита на правото на слобода на изразување. Но, да ги ставиме на страна за момент обврските на државата за почитување на ова право. Гласно размислувам со вас, можеме ли самите да го направиме нашето општество подобро место за живеење, без исклучок, со тоа што меѓусебно ќе ги почитуваме нашите права? Можеме ли при уживањето на својата слобода на изразување да се воздржиме од изјави со кои свесно и/или намерно ја нарушуваме честа и угледот или приватноста на другите индивидуи? Свесни сме дека слободното изразување е моќна алатка во „дигиталниот свет“ која (не)често е злоупотребена и искористена да се поттикне насилство, да се шири омраза и може да наштети на приватноста и безбедноста. Оттука, во оваа колумна ќе се обидам да ви пренесам дел од моите ставови и размислувања како млад човек, а кои успеав да ги стекнам искуствено, и притоа нема да се задржувам на законите, декларациите, дефинициите и сл.

Една индивидуа која слободно се изразува во „дигиталниот свет“ (т.н. се изразува онлајн) неопходно е да знае да дејствува на интернет, за да не ги загрози правата на другите. Сепак, реалноста е дека има многу луѓе кои се наоѓаат во „дигиталниот јаз”, односно кои ги немаат потребните дигитални вештини и знаења за дејствување на интернет, и со самото тоа тие се оставени на маргините на случувањата и развојот на едно општество. Интернетот, а особено социјалните мрежи, се многу моќна алатка за сеопшта комуникација и размена на идеи и информации, но доколку се злоупотребат или се користат за манипулативни цели, самите може да станат опасно тло за ширење на дезинформации, говор на омраза и прекршување на правата на одредени индивидуи или заедници, сајбер криминал и злоставување на интернет. Со самото забрзување на дигитализацијата и пристапот до интернет, економски помоќните добија пристап до дигитални уреди, без претходно да „исполнат предуслов“ со докажување на степенот на своето предзнаење и стекнатите вештини за нивно правилно и етичко користење. Оттука, како што претходно наведов, користењето на дигиталните уреди и изразувањето онлајн може да претставува потенцијална закана за друга индивидуа, односно за општеството. За да се надмине овој предизвик и интернетот да стане место за здрава дискусија, аргументирано говорење и слободно изразување, треба да се вложува во зајакнување на капацитетите на сите лица во областа на дигитално граѓанство кое како клучен елемент ја има дигиталната писменост. Дигиталната писменост опфаќа стекнати знаења и вештини за одговорно користење на новите технологии и разбирање на последиците од погрешно користење на истите, сè со цел со помош на дигиталното граѓанство да се унапредат можностите за активно вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и градење политики на сите нивоа, а тоа да влијае на унапредувањето на човековите права. Сепак треба да бидеме свесни дека за ваква реформа е потребен стратешки пристап од сите засегнати страни со јасно одредени цели, активности и поделба на улоги и одговорности, како и одредување на механизми за следење и евалуација на тие напори.

Да повториме, едно човеково право се ограничува, во моментот кога со практикување на тоа право ќе навлезете во туѓо друго право. Истото важи и за правото на слобода на изразување, кое не е апсолутно, и кое во практиката во голема мера може да се злоупотребува, посебно на интернет, многу често за покренување на политички манипулации, ширење на лажни вести и повикување на насилство врз индивидуи или заедници врз основа на полова, родова, етничка, расна, социјална, економска, сексуална, религиска и други основи кои се земаат за основи за дискриминација. Ширењето на дезинформации како еден од предизвиците кај слободата на изразување, на пример, има многу поголем ефект онлајн, бидејќи се шират масовно, што доведува за кусо време, експресно брзо до луѓето да дојдат погрешни информации, што влијае на објективноста и можноста да изградат сопствено мислење и став, засновани на вистински факти.

Ова право, иако ви ја гарантира слободата да го изразите вашето мислење во различен формат (текст, слика, инсталација, анимација, видео, итн.), треба да се има на ум дека на интернет секој искажан став се шири многу брзо и во голем број случаи поправањето на штетата и одбегнувањето на негативните последици е скоро невозможно. Меѓутоа, тоа што ова право не е апсолутно, не значи дека изразувањето треба да подлежи на цензура, доколку со него не се прекршуваат нечии права и слободи, затоа што евентуалната цензура ја нарушува демократијата на едно општество. Користењето на правото за слободно изразување онлајн и офлајн за здрава и конструктивна дебата со издржани агрументи поткрепени со факти и без омаловажување на соговорникот е правилниот начин за уживање на ова право и разговарање на различни теми од јавен интерес.

За крај, сметам дека доколку се работи на информираноста и едукацијата кај луѓето за успешно „престојување” во „дигиталниот свет”, т.е. да им се овозможи на луѓето да се стекнат со основните дигитални вештини, знаења и свесност, кои покрај тоа што ќе им обезбедат слободно да маневрираат со и да користат разни дигитални алатки и платформи за слободно изразување онлајн, ќе им се обезбеди и можност да знаат да се грижат за својата сајбер безбедност и да препознаваат лажни вести. Со самото тоа, тие ќе бидат самосвесни да не шират дезинформации како дел од своето право за слободно изразување и ќе можат да го користат ова право без притоа да загрозуваат туѓо.