Анализа на E-услугите во општините во Република Северна Македонија 2023

Дигитализацијата и дигиталните технологии драстично го менуваат начинот на кој живееме, работиме и комуницираме со светот околу нас. Ова е особено точно во областа на јавните услуги, каде што дигиталните владини услуги (услугите на е-влада) сè повеќе ги заменуваат традиционалните услуги засновани на хартија. Транзицијата кон услугите на е-влада, а особено транзицијата на услугите на е-влада кон т.н. дигитални владини услуги на централно и/или на локално ниво е поттикната од процесот на дигитална трансформација, односно од промената на организациите и на институциите, нивните деловни модели и процеси, идеите и користените методологии. Таа дигитална трансформација е овозможена преку развој и користење нови дигитални технологии и уреди за создавање, собирање, обработка, анализа и употреба на огромен број податоци, какви што се мобилните дигитални уреди, интернет на нештата (англ. Internet of Things – IoT), компјутерското работење во облак (англ. cloud computing) и, пред сè, алгоритмите на вештачката интелигенција (англ. Artificial Intelligence – AI). Крајната цел е целосна дигитализација на јавните услуги заради нивна целосна достапност за сите, и сите да имаат корист од најдоброто дигитално опкружување, кое обезбедува лесни за употреба, ефикасни и персонализирани дигитални услуги и алатки со високи стандарди за безбедност и приватност.