Еден од најголемите предизвици за секое современо демократско општество, а кај нас и еден од условите за евроинтеграциските процеси – квалитетна и оптимална по број јавна администрација, ориентирана кон граѓаните – се решава на различни начини во различни средини. Сепак, веќе постојат утврдени меѓународни стандарди и патеки по кои треба да се движат владите што сакаат да направат реформи во оваа област.
Државата, иако се обидувала да прави реформи на ова поле најмалку деценија и половина, не сторила многу досега. Сепак, Република Северна Македонија денес може, ако ништо друго, да потврди дека има цврсто зацртана насока, има утврден пат и има неколку рути од тој пат што почнала да ги изведува.
Со други зборови, стратегиите, акциските планови, некои клучни закони – сето тоа е веќе донесено или треба да се доврши во некои сегменти, и сега е потребна имплементација на замислите.
За она што претстои, а врз основа на истражувањето на темата и врз основа на разговорите со експертите, можеме со голема доза сигурност да ги издвоиме следните препораки:
- Доследно да се спроведе функционална анализа во сите институции од јавниот сектор. Неопходно е спроведувањето да се интензивира и заврши што побрзо како би можеле креаторите и имплементаторите на политиките во јавната администрација објективно да планираат реорганизација на институциите во јавниот сектор и како би се водела објективна кадрова политика на планирање на вработувањата;
- Да се спроведе принципот на вработување и напредување во јавната администрација според системот на квалификации, знаење и заслуги (merit), со што постепено ќе дојде и до што поголем степен на департизација на јавната управа;
- Системот за правична застапеност сѐ повеќе да се потпира или комбинира со merit системот, односно систем на вработување и напредување според заслуги;
- Да се доврши усвојувањето на правната рамка за воведување висока раководна служба, низ транспарентен и инклузивен процес. Да се забрза измената на комплементарни прописи кои ќе овозможат поправична и поефикасна висока раководна служба;
- Да се зголеми јавната свест за потребата од користење дигитални услуги на јавната администрација и таму каде што сега се можни, но и пред да се случи што помасовна дигитализација на услугите;
- Да се усоврши системот на RIA/ПВР и ефективно (а не само de iure) да стане задолжителен процес, кој ќе важи за сите прописи без оглед на брзината со која треба да се носат;
- Да се продолжи и продлабочи системот за отвореност и транспарентност на институциите;
- Да се контролираат и намалат нерационалните трошоци во администрацијата, почнувајќи од примањата на членовите на управни и надзорни одбори до сите други нерационални трошоци, кои треба да бидат сведени согласно параметрите на економската моќ на земјата, просечните примања и слично;
- Да се разјасни иподобри преку законски измени одговорноста внатре во институциите, но и надворешно помеѓу институциите и органите;
- Да се дозволи поголема фискална децентрализација во однос на локалната самоуправа, а во истовреме да се зголеми обемот на јавни услуги што може да ги дава локалната самоуправа…
Ова се само дел од препораките, произлезени од истражувањето спроведено во февруари годинава. Но, без оглед дали има уште или дали и овие препораки надлежните веќе ги знаат, редно е, една по една или групирани, тие препораки да се применуваат во реформата за која толку долго сите граѓани ја очекуваат, а секоја политичка гарнитура на власт ја посакува.
Истражувањето е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.