Медиумски реформи: големи очекувања – малку постигнувања

Познавајќи го јо-јо ефектот во многу области што се клучни за демократијата во Република Северна Македонија, насловот на минатогодишното истражување за реформите во медиумскиот сектор го насловивме „Медиуми – реформи никогаш доста“, при што областа ја оценивме генерално позитивно, но и предупредивме на опасностите ако со реформите не се продолжи.

Дополнителен проблем за одржливоста на комерцијалните медиуми е пандемијата со новиот корона вирус и болеста што тој ја предизвикува – КОВИД-19. Како дел од борбата против ширењето на болеста, покрај рестриктивните мерки од страна на државата, медиумите се почесто се жалат дека многу компании ги откажуваат рекламните кампањи и организирањето на настани. Ова може да биде исклучително отежнувачки фактор за работата на медиумите во иднина.

Дополнителен проблем е што дел од сопствениците на медиуми не се во можност да им обезбедат на новинарите опрема за безбедно теренско следење на заразата .

Иако овие елементи не се влезени во официјалниот документ на истражувањето, сметаме дека е битно да се напоменат.

Нашето истражување покажа дека главните препораки од минатата година до властите и до други вмешани страни во медиумскиот сектор не се применети или недоволно се применети и дека мал напредок е постигнат во одредени области – намалување на физички и вербални напади врз новинарите (до крајот на февруари 2020), поголема проактивна реакција од страна полицијата, обвинителството и судовите во такви случаи и зголемена транспарентност и саморегулација. Сепак, тоа не се доволно позитивни елементи за да ги засенат главните проблеми што останаа.

А тие и натаму се лоцираат во четири области:

  • Нема стратегија за медиумскиот сектор и нема искажани намери за подготовка на таквата стратегија;
  • Нема доволно политичката волја кај сите релевантни политички чинители и во власта и во опозицијата да се дистанцираат во целост од влијанието врз уредувачката политика на медиумите. Притоа, како „олеснителни“ околности од страна на оние што ги носат одлуките се ползуваат малиот маркетиншки пазар, проблемот со лажните вести или генерално со дезинформациите и сè уште релативно малата отпорност на жестока критика кај избраните и именуваните функционери;
  • Реформите во јавниот радио-дифузен сектор, пред се во Јавниот сервис МРТ/НРТ и во регулаторната агенција ААВМУ не се спроведуваат иако законските предуслови беа остварени уште пред повеќе од една година;
  • Барање од самите медиуми, големи приватни радиодифузери, но и весници и портали неселективно да добиваат финансии или други субвенции директно од буџетот, од локална самоуправа или од јавни претпријатија или акционерски друштва во државна или мешовита сопственост.

Сето ова произведе сосотојба во која што (според искуството од 2019 година и променетото изборно законодавство), покривањето на изборните кампањи на политичките партии за локални, парламентарни или претседателски избори во медиумите се финансираат од буџетот на државата, при што пропорционално, на годишно ниво, засега, тоа финасирање е поголемо од финансирањето што под друга форма го правеше поранешната автократска влада од 2007-2015 година, особено од 2010-2015 г. Овој механизам вграден во Изборниот законик е оценет како можност за корупција на медиумите и од страна на Државната комисија за спречување на корупција и како таков оценет во првата Национална стратегија за борба против корупцијата која е подготвена, но не е усвоена во Собранието поради, сега веќе одложениот план, за предвремени избори.

На крајот, уште една важна напомена: вонредната состојба во која државата формално се наоѓа од 19.03.2020, поради опасноста од COVID19, а со тоа и ограничувањето на одредени права и обврски во сите области, носат две можности:

a) да се увиди неопходноста за заокружување на реформите во медиумскиот сектор и да се согледа колку е важна улогата на медиумите во една демократија и во услови на вакви кризи каква што е „корона кризата“;

или

б) да се вратиме чекор поназад и да се вратат на голема врата автоцензурата, пред се, и селективноста од страна на авторитетите врз новинарите или медиумите на „подобни“ и „неподобни“.

Борбата против дезинформациите и лажните вести во вонредна состојба, која е, се разбира неопходна, е огромен предизвик и за Владата и за медиумите. Во сооочувањето со тој предизвик правото на слобода на говор и на слобода на медиумско изразување, треба да биде максимално почитувано, а евентуални ограничувања да бида правно многу прецизно поткрепени и во крајна нужда и да се однесуваат на сериозни кривични дела, но притоа да се внимава да не се задира во уставната забрана за цензура (Чл.16) и слободата на мислата и јавното искажување на мислата, дури и во услови на вонредна или воена состојба (Чл. 54).

Истражувањето што е пред вас, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на февруари 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.