Нема реформа на правосудството без политичка волја

Ова второ по ред истражување беше посветено на реформите во правосудството и како тие би можеле да се подобрат, а главниот заклучок наведен погоре произлегува од општо констатираниот факт на експертите, дека и најдобриот закон може да биде дезавуиран од носителите на политичката или од други центри на моќ.

Препораките произлезени од истражувањето се следни:

  • Континуирано изразување на силна политичка волја за промени во законите што ќе гарантираат независност, непристрасност и ефикасност на правосудниот систем, но и доследна имплементација на законските решенија без обиди за злоупотреби;
  • Обезбедување цврсти законски инструменти и нивна имплементација со кои ќе се спречи политичката корупција во Јавното обвинителство;
  • Обезбедување континуитет на автономноста на Специјалното јавно обвинителство;
  • Обезбедување силни законски инструменти и политичка волја за нивна имплементација за да се спречи политичката корупција во основните судови и фактичката корупција, за која, за дел од нашите експерти, нема дилема дека постои кај апелациските судови;
  • Промена на законската рамка за темелна проверка на вистинитоста на анкетните листови на судиите и обвинителите и нејзино доследно спроведување;
  • Задржување на концептот за именување судија или обвинител само преку Академијата за судии и јавни обвинители, како најмалку штетен модел од другите што се во опција, преку интерни именувања, преку Собрание, итн.;
  • Натамошна професионализација на судиите и јавните обвинители преку континуиран систем на обуки и образование;
  • Унапредување на Информациско-комуникациските технологии во правосудството во РМ, обединување на информацискиот систем на судството со обвинителството и централните регистри и други дигитални бази на податоци, унапредување на функционалноста на е-судството, што подразбира и поголеми вложувања на државата и во судството и во обвинителството, зголемена транспарентност при објавувањето и достапноста на судските одлуки и на записниците од рочиштата;
  • Промена на законските решенија за помилување и нивна доследна имплементација, со цел, амнестиите или аболициите да не се злоупотребуваат во мерка што ќе го загрози интегритетот на правосудството или на важењето на принципот на еднаквост на законите за сите и на владеење на правото;
  • Промена на мрежата на судството и преиспитување на потребата од постоење на Вишиот управен суд;
  • Отворена јавна расправа за влијанието на меѓуетничките (кадровски) политики врз судството, кои штетно влијаат врз правната држава.

 

Истражувањето е второ од петте што се планирани во рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Следните истражувања ќе се однесуваат на реформите во борбата против оргнизираниот криминл и корупцијата, на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.

Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.