Опсерваторија за Дигиталната агенда – Истражување за основната состојба за развој на е-влада и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан 2020 година

Напорите за обезбедување на широкопојасен интернет до сите граѓани на регионот на Западен Балкан се препознаваат, меѓутоа, земјите треба да бидат повнимателни во ажурирањето на нивните стратешки и регулаторни документи. Земјите доцнат со усогласување на правните акти, а уште повеќе доцнат со спроведувањето на иновациите. Имајќи ја предвид природата на процесот на дигитализација, тој треба да ги следи барањата на пазарот, во спротивно би останал застарен и прескап. Понатаму, овие напори треба да бидат надополнети со амбициозна кампања за подигнување на свеста на граѓаните за придобивките од дигитализацијата. Бидејќи, сите земји во моментот доживуваат политичка нестабилност и се соочуваат со избори оваа година, придружени со пандемиска криза, се појавува стравот од забавување на напредокот во заложбата за спроведување на Дигиталната агенда. Доколку новите влади одлучат ова да не го стават на списокот на приоритети, прекинувањето на процесот значително ќе влијае на неговите резултати.

Дигитализацијата на услугите во регионот на Западен Балкан е претежно водена од финансиски аспект, а повеќето обезбедени електронски услуги (е-услуги) се наменети за деловниот сектор. Владите треба да се поттикнат за тие да ги дефинираат своите критериуми за воведување услуги за е-влада засновани на потребите на граѓаните. Паралелно со ова, треба да се вложат повеќе напори во едукација на граѓаните чија дигитална писменост во моментов е мала, за да се овозможи разбирање на придобивките од дигитализацијата.

Дигитализацијата е составен дел од реформата на јавната администрација. Тоа директно влијае на ефикасноста на администрацијата и заштедите на буџетот. Најголемиот потфат за сите земји е интероперабилноста на сите бази на податоци што ги имаат различните владини институции. Откако ќе заврши овој процес, граѓаните ќе можат да добијат каква било административна услуга со едноставно започнување на онлајн постапка, додека остатокот од процесот е автоматизиран. Досега, владите нудат делумни решенија, со поголем или помал успех, додека пак некои делови од постапката се потпираат на традиционалната јавна администрација.

Отпорот на дигитализацијата во еден дел доаѓа од воспоставувањето на јавни службеници. Реформата подразбира промена на нивната долгорочна рутина, потреба за образование, промена на процедури, прилагодување кон новите технологии и сл. Постои генерациски јаз во навикнувањето на е-технологии и она што е неизбежно нормално и лесно за помладите генерации останува тешко за оние кои се запознале со технологијата во поодминати години.

Имајќи предвид дека сите земји од Западен Балкан се стремат кон членство во Европската Унија и сè уште треба да се усогласат со стандардите на ЕУ во однос на демократијата и владеењето на правото, Дигиталната агенда останува еден од сегментите на кои треба да се работи.

Ова истражување е дел од Опсерваторијата за Дигиталната агенда и се спроведува во 5 земји од Западен Балкан, како дел од проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” кофинансиран од Европската унија и спроведуван од Фондација Метаморфозис (Северна Македонија) како водечка партнер, Академија за е-владееење (Естонија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора), Oтворени податоци Косово (Косово) и Levizja Mjaft! (Албанија). Темите кои ги обработува извештајот се поврзани со поглавјата што се релевантни за Дигиталната агенда, особено Поглавје 10 – Информатичко општество и медиуми од законодавството на ЕУ, со цел да се поттикнат и одново да се постават прашањата за Дигиталната агенда на Западен Балкан на агендата на ЕУ.

_____________________________________________________________________________________

Оваа публикација е изготвена со помош на Европската унија. Содржините во оваа публикација се единствена одговороност на Фондација Метаморфозис и на истражувачкиот тим и на ниеден начин не ги одразуваат ставовите на Европската унија.