Следење на процесот на евроинтеграции – Реформи во јавната администрација – „Администрирањето“ со администрацијата, клучен предуслов за реформите

Документот е резултaт на истражување спроведено во рамките на проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Проектот се спроведува во текот на 2021 и 2022 година.

Извештајот е збир на факти и анализи за реформите во јавната администрација од втората половина на 2021 година, заклучно со крајот на март 2022 година. Тој е сочинет врз база на разговори со експерти, десктоп истражување, истражување преку проверка на факти и анализи на медиумските проекти на Метаморфозис, пред се на Вистиномер, како и податоци до кој е дојдено преку истражување и на други институции или организации од граѓанскиот сектор.

Резимето од мониторингот за реформите во јавната администрација е следно:

-Стратешка рамка има, проблем е нејзиното преоценување и дали ќе се запазат роковите за продолжување на основниот стратешки документ.

– Клучни закони има, но нивното изменување и дополнување, односно обновување оди бавно, иако се подготвуваат две години. Освен ова, проблем е доцнењето со законот за реорганизација на органите на државната управа, како и законот за висока раководна служба, кој никако да види светло на денот.

– Ефикасноста на администрацијата останува проблем. Иако и во досегашните законски решенија се вградени модели за мерење на ефикасноста, тоа се спроведува формално. Со тоа, на некој начин е заглавен и системот на плати, кој според заложбите на извршната власт треба да биде менуван и тие да растат, но притоа ја потенцираат ефиканоста и мерењето на таа ефикасност кај администрацијата.

– Услугите на администрацијата се делумно подобрени. Порталот преку кој се овозможени е-услуги до граѓаните во последните 24 месеци има зголемување на понудата од 50 на 184 целосно електронски услуги, а за годинава се подготвуваат нови 40-ина улуги. Сепак, остануваат неколку нерешни прашања. Формирање на дигиталниот идентитет на граѓаните, дигиталната писменост на граѓаните, омасовување на електронскиот потпис и, конечно, имплементацијата, односно обуки на администрацијата за целосно прифаќање на е-документите што ги прибавуваат граѓаните во рамките на институциите. Во целиот процес на е-услуги, останува проблематично и зголемувањето на бројот на таквите услуги кај единиците на локалната самоуправа.

– Иако има различни ставови за бројот на државните службеници и вработените во јавниот сектор, како клучни се наметнуваат атмосферата и квалитетот на вработените во администрацијата, а не бројот. А, сите извори што беа консултирани за овој извештај укажуваат дека атмосферата не е на завидно ниво (во голем дел тоа се должи и на ниските плати) и дека се јавува проблем при исполнување на задачите и од аспект на времетраење на процесот и од аспект на квалитативноста на исполнетите задачи. Се разбира, од овој фактор зависи и брзината и квалитетот на спроведување на реформите во ЈА.