На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза
Документот е резултaт на истражување спроведено во рамките на проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Проектот се спроведува во текот на 2021 и 2022 година.
Извештајот е збир на факти и анализи за реформите во секторот правосудство во текот на 2021 година со акцент на периодот од крајот на јули до крајот на декември. Тој е сочинет врз база на разговори со експерти, десктоп истражување, истражување преку проверка на факти и анализи на медиумските проекти на Метаморфозис, пред се на Вистиномер, како и податоци до кој е дојдено преку истражување и на други институции или организации од граѓанскиот сектор.
Резимето од мониторингот за реформите во медиумскиот сектор е следно:
Стратешката рамка, законите и имплементацијата се трите клучни столба за реформите во правосудството, пред се на судството и обвинителството од аспект на евроинтеграциските промени. Додека кај првите два столба има релативно задоволителна оценка, имплементацијата на реформите во правосудството е тој елемент на кој му е потребна „бустер“ реформска доза, во сите области.
Сите показатели укажуваат дека оваа „бустер“ доза треба да биде, пред се, финансиска, т.е. повеќе пари од буџетот заради спроведување на реформите. Забележително е дека извршната власт има слух и ја разбира оваа потреба, па така за во 2022 година се предвидени повеќе пари во буџетот и за системот на јавното обвинителство и за судството, но тие позитивни придвижувања се уште се далеку од законски утврденото финансирање со 0.4 отсто од Буџетот на РСМ за тековната година за обвинителството и 0.8 отсто од БДП на државата во претходната година за судството.
Проблеми се уште можат да се детектираат и во категоријата независност и во двете области – судство и обвинителство, како и во работата на двете врховни тела, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Дефинитивен исчекор во позитивна смисла е направен во дигитализацијата, во смисла дека процесот е веќе започнат, а во делот на одредени услуги што ги дава судството, тие веќе се имплементирани во вториот дел од годинава. И кај дигитализацијата извршната власт одвои извесна сума повеќе за 2022 г. (1,5 милиони евра), но процесот е обемен, бара многу повеќе средства кои сега се надополнуваат од надворешни извори и е обременет со пополнување на ИТ кадри и во судството, а посебно во обвинителството.
Главниот документ, извештајот за состојбите во правосудството, е придружен и со информации за позначајните состојби и активности во другите три области, реформи на јавната администрација, реформи во медиумскиот сектор и реформи во областа на основните права во РСМ, кои се случиле на квартално ниво до крајот на септември до крајот на декември 2021 година.
Целиот Извештај можете да го преземете на следниот линк: Следење на процесот на евроинтеграции Реформи во правосудство