Во текот на 2020 година Фондацијата Метаморфозис, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација спроведе активности за обезбедување на поддршка на пет државни институции за објавување отворени податоци. Активностите опфатија обезбедување на техничка поддршка на Министерството за локална самоуправа, Државната комисија за спречување корупцијата, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности и Државниот пазарен инспекторат во отворањето на нивните податоци.
Како резултат на спроведените активности до сега се објавени вкупно 30 нови податочни сетови во отворен формат. Објавените отворени податочни сетови вклучуваат податоци кои се однесуваат на буџетите на институциите, јавните набавки, структурата на вработени, податоци за општините и планските региони, податоци за наплата на даночни приходи, структура на остварените приходи од ДДВ, податоци за опасни производи откриени на пазарот на РСМ, регистар на службени возила и други. Исто така беше направен попис и каталогизација на податочните сетови во петте институции и беа изработени интерни процедури за објавување на отворени податоци.
На визуелизацијата подолу погледнете ги вкупните резултати од обезбедената поддршка на петте институции за отворени податоци.