Добро владеење: Национална стратегија за развој на информатичко општество
На 1.04.2005 година работната група за информатичко општество ја усвои Националната стратегија за информатичката и комуникациската технологија (ИКТ) и соодветниот Акциски план. Националната стратегијата беше прифатена од Владата на Република Македонија на 16.06.2005г., а изгласана во Собранието на 21.09.2005г.
Изработката на стратегијата и на акцискиот план беше поддржана од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), Комисијата за информатичка технологија на Владата на РМ и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Во 2005 година се организираа јавни форуми во повеќе градови во Република Македонија и на веб-сајтот на Комисијата за информатичка технологија со цел да се обезбеди јавно учество во конечното оформување и донесување на документите.
Националната стратегија и акцискиот план ги идентификуваат механизмите, правните и фискалните рамки потребни за спроведување електронско владеење и образование, електронски деловни иницијативи и развивање инфраструктура за ИКТ.
Оваа година активностите на Фондацијата Метаморфозис во рамките на овој проект се во согласност со потребите и приоритетите утврдени во Националната стратегија за развој на информатичкото општество. Фокусот ќе се стави врз локалната власт – е-Рајдер моделот ќе се користи за тие да се поддржат за да подготват локални планови/стратегии за развој на ИКТ. Ќе се спроведе независно мерење на показателите на информатичкото општество, преку анкети и анализи на јавното мислење и мониторинг на напредокот во спроведувањето на Националната стратегија за развој на информатичкото општество.
Проектот ќе поддржува активно учество во формирањето и организирањето јавни точки за пристап до интернет; обука на обучувачи за е-граѓанско образование. Ќе се поддржат иницијативи на локалните заедници и на граѓанското општество за проекти за премостување на дигиталниот јаз со помош на јавните точки за безжичен пристап. Исто така, ќе се поддржи и развојот на локални содржини.
Преземете ја Националната стратегија за развој на информатичко општество
Преземете ја Националната политика за информатичко општество
Сподели: