Вистиномер

18.09.2014

Проекти

Вистиномер.мк, преку тим на стручни лица од соодветните области, ги анализира ветувањата на политичките субјекти и ги презентира во лесно читлива, агрегирана форма, заедно со систематски статистички податоци. Секое идентификувано ветување добива оценка според степенот на исполнетост: исполнето, делумно исполнето или неисполнето. Ветувањата кои се нелогични или искажани на начин што оневозможува да се проверат се означени како недоследни.

Преку запознавање со ветувањата и со аргументите од објасненијата, граѓаните се едуцираат како да ги читаат и интерпретираат изборните програми и платформи, како и самите да следат и да оценуваат колку од тоа што е напишано и ветено се исполнува.

Во моментов Вистиномер.мк содржи оценки за ветувањата дадени на изборите во 2008, 2011 и 2013 година од партиите кои ја освоија власта и имаа реална можност и да ги остварат тие ветувања. Вистиномер ќе продолжи да функционира долгорочно и ќе го следи остварувањето на предизборните ветувања на победниците, како и изјавите на политичарите кои може да се класифицираат како ветувања.

Основна намена на Вистиномер.мк е да го зголеми знаењето на граѓаните, медиумите, невладините организации, но и на партиите и нивните членови кои преку него имаат прилика да се запознаат и со низа аспекти на политичкиот процес од Македонија.