Мени

Иницијатива за отворени образовни ресурси

Општата цел на проектот е да се придонесе кон развојот на критичко размислување и демократизација во Македонија преку конструктивна употреба на нови технологии како алатки за зголемување на количеството и квалитетот на образовни, научни и академски е-содржини.

Поконкретно, проектот има специфична цел да влијае на подигање на свеста и капацитетот на академската јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси.

Активности:

  1. Формирање на координативна група на ООР во Македонија. Во неа, ќе бидат вклучени  важни чинители во областа, како претставници на универзитети и средни училишта, релевантни државни институции и библиотеки, кои ќе придонесуваат во промоцијата на ООР.
  2. Прирачник за ООР кој ќе се печати во 1.000 примероци (500 на македонски и 500 на албански), а чија содржина ќе биде фокусирана на објаснување на концептот на ООР, истакнување на придобивките, начините за негова примена, со акцент на веб-сајтот како клучно место за споделување и користење на споделените ресурси. Прирачникот ќе биде достапен и во електронска верзија под Криејтив комонс лиценца, а печатеното издание ќе се дистрибуира на конференцијата, на работилниците, како и при секоја директна средба со клучните чинители во областа.
  3. Промотивни материјали (1.000 постери, 1.000 летоци и 1 вирално видео) кои имаат цел да го промовираат концептот на ООР, активностите во проектот, веб-сајтот и да ја подигнуваат свеста за придобивките од неговото користење од страна на што поголем број луѓе. Дополнително, промотивните активности редовно ќе се одвиваат преку социјалните мрежи.
  4. Веб-сајт за промоција на ООР во Македонија и подигање на јавната свест за ползата од примена на овој концепт, преку објавување информации за тековните активности во рамките на проектот, промотивните и едукативните материјали, содржини за објаснување на концептот на ООР и достапност на алатките за негова примена во пракса, како и линкови до други корисни сајтови и ресурси и известувања за важните случувања поврзани со ООР во светот. Втората функција на веб-сајтот е да овозможува директно поставување образовни ресурси и научно-истражувачки материјали на локалните јазици, тематски структурирани и лесно достапни. Целта е веб-сајтот да стане централна точка за пребарување и споделување на достапните ООР. Сајтот ќе биде достапен на македонски и на албански јазик.
  5. Работилници за ООР (5) наменети за наставници, професори, истражувачи и сл., кои имаат за цел да го претстават начинот за користење ООР и отворен пристап, како алатка во процесот на образование, учење, истражување и преглед на постоечките научно-истражувачки складишта кои архивираат научни списанија, научни трудови и друг вид образовен и научно-академски материјал.
  6. Поддршка на партнерите во проектот во процесот на архивирање на нивните достапни електронски материјали со цел овозможување нивна достапност за користење од страна на други. Ова ќе вклучува помош во изборот на системи за архивирање и складирање на содржини, како и техничка помош во процесот на нивно поставување.
  7. Дводневна конференција за промоција на важни идеи и концепти за отворени образовни ресурси во Македонија, како и разгледување на политиките кои се директно поврзани со нивниот развој. На конференцијата ќе презентираат клучни чинители во оваа област, како претставници на релевантните министерства, универзитетите ширум Македонија, како и претставници од локални организации од Македонија и експерти од други земји во кои ООР се на повисоко ниво на развој. Целта на дводневниот настан е запознавање со самиот концепт, потенцијалите за развој и преглед на досегашните ресурси, разгледување на искуствата и добрите практики, како и изведување заклучоци и давање препораки за поставување на ООР како важен концепт во процесот на образование и развој на научно-истражувачката дејност во иднина.

Очекувани резултати:

  • да се зајакне свеста за важноста на концептот на отворени образовни ресурси и да се придонесе кон подобрување на правните и институционални рамки за тие да станат попогодни за развој на е-содржини
  • да се подобри видливоста на академските публикации и да се креираат нови ресурси со кои ќе се промовираат и агрегираат публикации под криејтив комонс лиценци и со отворен пристап
  • да се зголеми квалитетот на образовните содржини релевантни за учениците и студентите во Македонија
  • да се зголеми квалитетот на локални содржини слободно достапни преку интернет преку зголемување на јавната свест и нивото на информатички вештини, врз основа на примена на најдобри пракси.

Период на спроведување: декември 2011 – декември 2012

  • „Отворени образовни ресурси“ на Фејсбук
  • „Отворени образовни ресурси“ на Твитер
  •  

    Поврзани натписи