На 3 август 2023 година, на покана на Техничка помош за граѓанските организации (ЕУ ТАКСО 3) во Западен Балкан и Турција, „Метаморфозис“ имаше свое излагање на првиот Консултативен состанок за Дигиталната агенда насловен „За каква промена станува збор?“. Целта на овој онлајн состанок беше да се истражи влијанието на дигиталната транзиција врз граѓанските организации и да се продискутираат стратегии за приспособување кон променливиот свет. Состаноко беше наменет за утврдување на приоритетите поврзани со Дигиталната агенда и дигиталната транзиција за граѓанските организации во регионот: да се разгледаат различни аспекти на дигиталната трансформација и нејзините последици врз начинот на работа на граѓанските организации и нивните корисници.

Во име на Фондацијата „Метаморфозис“ се обрати Мила Јосифовска Даниловска (менаџер на програмите – Општествена отчетност и Човекови права онлајн), која ги сподели организациското искуство и резултатите од истражувањата со повеќе од 70 претставници од граѓанските организации од Западен Балкан и Турција кои беа присутни на состанокот и ги нагласи позитивните практики што ги спроведува „Метаморфозис“ на национално и регионално ниво.

 

Извор: Скриншот од презентацијата на сесијата

„Дигиталната трансформација има големо влијание врз работата, активностите и ефикасноста на граѓанските организации затоа што не сите граѓански организации ги поседуваат потребните вештини, знаења, внатрешни политики и ресурси за максимално користење на придобивките од истата. Од позитивна гледна точка, дигиталната трансформација ги натера граѓанските организации да излезат од своите комфорни зони, односно да почнат повеќе да вложуваат во дигиталните вештини на своите вработени или членови, да ги прошират своите активности на интернет и со тоа да го зголемат нивниот опфат и влијание врз поголем број луѓе благодарение на онлајн алатките за спроведување на своите активности на покреативен начин. Таа ги натера граѓанските организации да бидат покреативни, пофлексибилни кога станува збор за промени, да учат нови работи, да изнајдат нови начини на споделување на нивните пораки со заедницата“ – сподели Јосифовска Даниловска.

Сепак, таа исто така истакна дека дигиталната трансформација претставуваше голем предизвик за граѓанскиот сектор. Со дигиталната трансформација, а особено со пандемијата, онлајн просторот, кој беше пренатрупан и пред 2020 година, сега е презаситен со информации и киберзакани. Таа воедно говореше и за динамичните алгоритми на социјалните мрежи, брзината на новиот технолошки развој и онлајн заморот, кои исто така се своевидни предизвици за граѓанскиот сектор.

Извор: Facebook пост на EU TACSO

Кибербезбедноста е уште еден многу важен аспект на дигиталната трансформација што таа го нагласи за време на состанокот, како нешто што многу граѓански организации го занемаруваат, немаат изготвено политики, практики или капацитети во оваа област за да се заштитат како организација, да ги заштитат корисниците со кои работат, како и нивните податоци. Таа нагласи дека зајакнувањето на кибербезбедноста, особено во овој период кога технологијата станува сè пософистицирана, е предизвик за кој е потребно постојано внимание, заложби и соработка на дневна основа. Освен што вложува во внатрешните капацитети, „Метаморфозис“ исто така ги гради капацитетите на граѓаните, на граѓанските организации, на медиумите и на институциите преку обуки, вебинари, менторство и ресурси за да им даде поддршка да станат киберотпорни на сите закани со кои би можеле да се соочат.

Сподели: