Настанот „АМиЗОН“ во организација на Центарот за едукација и иновативно и учење – СТЕМЛАБ од Тетово во рамките на проектот „Meet and Code 2019“ кој што беше спроведен од Фондацијата Метаморфозис во партнерство со „Haus des Stiftens gGmbH“ од Германија и „Techsoup Europe“ а со финансиска поддршка од германската софтверска компанија SAP, беше избран меѓу најдобрите 12 од над 1.200 настани организирани во 25 европски држави за време на „Европската недела на програмирање„ која што се одржа помеѓу 5-20 октомври 2019 година.

Стручното жири избра по три најдобри настани во секоја од следниве четири категории: „Девојки во ИТ!“, „Разновидност“, „Кодирај за планетата“ и „Кодирај за твојата заедницата“. Настанот „АМиЗОН“ е избран како финалист во категоријата „Кодирај за планетата“, заедно со уште два настани, еден од Германија и еден од Полска, со кои што ќе се натпреварува за првото место. Победникот ќе биде прогласен на завршниот настан на проектот, што ќе се одржи во март 2020 година, во Будимпешта, Унгарија, каде добитникот ќе добие и награда од 2.000 евра.

Настанот „АМиЗОН“ беше организиран во соработка со Противпожарната единица од Тетово, и тоа со 20 ученици од основни училишта. Целта на настанот беше учениците да се запознаат со предизвиците во пожарникарската работа и да научат да користат роботи и дронови (беспилотни летала) за да идентификуваат и гаснат пожари, како и да евакуираат луѓе во опасност од пожар во итни ситуации.

Практичниот дел се одвиваше во дворот на Тетовската Противпожарна единица, каде учениците ја презентираа својата работа во симулирана ситуација на спасување на човек во опасност од пожар, преку дронови програмирани од страна на учениците.

Инаку, оваа година Фондацијата Метаморфозис во рамките на проектот „Meet and Code 2019“ во Северна Македонија поддржа 40 настани со по 300 евра за нивна организација. Целта на проектот „Meet and Code“ е децата и младите на возраст помеѓу 8 и 24 години да се запознаат со светот на технологијата и програмирањето. Настаните се организираат за да им се покаже на младите колку интересно и забавно може да биде програмирањето и како тоа може да помогне за оживување на идеите. Тие учат како функционира технологијата и како влијае ИТ на секојдневниот живот, и преку настани од различни форми како хакатони, работилници за програмирање, предавања, филмски настани, натпревари, ноќи за програмирање, часови за роботика или други форми, ги развиваат дигиталните вештини кои им се потребни за денешниот свет.

Сподели: