Денес, 26.01.2021 година се одржа Privacy Camp 2021, во организација на EDRi – European Digital Rights Initiative. Privacy Camp е годишна конференција на која веќе 10 години се собираат активисти за дигитални права, претставници на академијата, правници, ИТ професионалци и луѓе директно вклучени во донесувањето на одлуки од цела Европа. На Privacy Camp се дискутира за најважните прашања и актуелни случувања во областа на човековите права на интернет.
Оваа година, Фондацијата Метаморфозис во соработка со Фондацијата SHARE од Белград, BIRN Србија, Атина Србија и Академија за е-владеење од Естонија, ја организираа сесијата – Локални перспективи: е-живот и е-сервиси за време на пандемија.
Говорниците на сесијата ги споделија своите искуства за предизвиците кои се појавија во текот на пандемијата со Covid-19, а кои се поврзани со ширењето на лажните вести, загрозувањето на приватноста на граѓаните, инклузивноста на општеството при воведувањето на дигитални сервиси како и транспарентноста на институциите како клучен фактор на градење на доверба со граѓаните.
Иако во различни држави и во различни правни системи, искуствата се слични кога станува збор за користењето на придобивките на технолошкиот развој но и за степенот на дигитална писменост кај граѓаните. Растечкиот тренд на обезбедување на се повеќе услуги на државните институции до граѓаните по електронски пат освен што бара доследно следење на технолошкиот развој, унапредување на знаењата и менување на навиките на граѓаните, бара и прецизно утврдување на мерките за заштита на личните податоци на граѓаните.
Генерален заклучок од споделените искуства е дека пандемијата ни потврди дека електронските сервиси и алатки се ефикасни, ги намалуваат административните трошоци, а ако добро се обмислат и дизајнираат согласно правилата за заштита на приватноста, не само што ќе го олеснат животот туку ќе ја зголемат и довербата на граѓаните кон институциите. Секоја држава, без разлика на степенот на развиеност и дигитална писменост, треба да работи на стратешко планирање на процесот на дигитализација за истиот да биде природен, а не наметнат процес за граѓаните.
* * *
Фондацијата Метаморфозис во рамки на програмата „Човекови права на интернет“ се залага да им помогне на заедниците да се соочат со промените кои произлегуваат од сѐ поголемото влијание на новите технологии (вклучувајќи ги големите податоци, вештачката интелигенција, роботиката, нанотехнологијата и генетиката). Целите на Метаморфозис во програмата „Човекови права на интернет“ се: промоција на „пристап за сите“ преку иновативна употреба и ширење на знаењата и етичка употреба на новите технологии, зајакнувањето на правата и слободите на поединците преку одбрана, поттикнување и влијание врз политиките за технологија што имаат удел во секојдневието, едукација за правото на приватност и залагање за заштита на приватноста и одговорен владин надзор.
Метаморфозис го спроведува и регионалниот проект “Increasing Civic Engagement in the Digital Agenda – ICEDA” во партнерство со Академијата за е-владеење од Естонија, Levizja Mjaft! (Албанија), CRTA – (Србија), 35mm (Црна Гора) и Open Data Kosovo преку чии активности ја потврдува определбата за воведувањето на Дигиталната агенда за Западен Балкан и директно придонесува во градењето на капацитетите на институциите но и нивната транспарентснот.
Сподели: