e-Отпад – Да се рециклира или повторно да се употреби?

weee man Денес, огромен број на домаќинства и фирми постојано создаваат огромни количества на е-отпад (отфрлени електронски уреди), што претставува закана за животната средина и здравјето, бидејќи овие уреди се составени од токсични супстанци.

Според StEP (Решавање на проблемот со е-отпад):

е-Отпад е термин кој се користи за да се опфатат скоро сите електронски и електрични уреди, кои веќе се отпад или може да станат наскоро. Иако е-отпад е општ термин, често се смета дека ги опфаќа телевизорите, компјутерите, мобилните телефони, белата техника (фрижидери, машини за перење и сушење итн.), играчките, тостерите, чајниците – скоро секој уред од домаќинствата и фирмите со електронско коло или електрична компонента, на струја или батерија.

Брзите иновации на производи и нивни замени, особено во ИКТ и канцелариската опрема, комбинирана со ниските цени на многу електронски и електрични уреди, го зголемуваат проблемот со е-отпад.

Раководењето со е-отпад може да се сведе на повторно употребување или рециклирање на старата опрема.

Тони Робертс ја истакнува големината на проблемот на својот блог, Laptop Burns. Тој пишува:

[…] Ние создаваме токсична временска бомба од околу 20 милијарди уреди, кои се е-отпад, што итно бара наше внимание. ОН процени дека во 2009 постоеја 4.6 милијарди мобилни телефони во целиот свет (http://bit.ly/qtwGU). Според индикаторите за развој на Светската банка во 2005, постоеја 2.6 милијарди радио-апарати кои се употребувале  (http://bit.ly/1KW5U6) и 2 милијарди телевизори (http://bit.ly/1KW5U6). Истражувањето на Гартнер покажува дека сега има повеќе од 1 милијарда компјутери кои се користат во целиот свет (http://bit.ly/uxy68). Овие бројки растат со огромна брзина: секоја година произведуваме и користиме повеќе од 1 милијарда дополнителни мобилни телефони. Проблемот е огромен.

[…]

За среќа, не е некоја тајна како да се прекине зголемувањето на е-отпад. Мора да ја намалиме стапката на јаглерод диоксид од производството и од рударството и да ги намалиме токсините кои се користат при производство на електронски и електрични уреди. Мора да се согласиме на заеднички меѓународна политика со која ќе промовираме повторно користење на опрема која функционира, а рециклирање на сите наши уреди, како и казнувањето на фрлањето и експортирањето на е-отпад. Исто така мора да го наметнеме принципот „загадувачот плаќа“.

Хејли Бовкок предлага повторо да се употребува старата опрема, како алтернатива на рециклирањето:

[…] Постои простор за повторна употреба на несаканите ИКТ уреди, бидејќи тие често се заменети многу порано од крајот на нивните продуктивни животи. ИКТ уредите кои веќе не се употребуваат често завршуваат во депониите или влегуваат во процесот на рециклирање. Иако постои корист за животната средина и човековото здравје за безбедно рециклирање на неупотребливите уреди, тоа потешко се изјавува за уредите кои сè уште функционираат. Всушност, емпириските истражувања покажуваат декаповторната употреба на компјутер е 20 пати енергетски поефективно од неговото рециклирање.

Затоа, преупотребата треба да биде промовирана и онаму каде што е покажано дека е најдобар механизам за справување со отпадот, како во случајот на ИКТ опремата и многу други отфрлени уреди, да се максимизира. За среќа, постојат индикатори кои покажуваат дека повторната употреба може ќе го добие признанието кое го заслужува. […]

Таа исто така линкува до специјален извештај, Зошто повторната употреба е подобра од рециклирањето, на Computer Aid International, во кој се прикажани неколку заклучоци и препораки:

Заклучоци:

  • Производството на ИКТ уреди е енергетско и материјално интензивно и овие производи содржат супстанци кои се опасни, вредни или двете, па нивното чување надвор од депониите има смисла.
  • Нивото на замена на производи е многу големо и концентрацијата на енергија при производство на ИКТ уреди наспроти фазата на користење (80 и 20 проценти, соодветно) покажуваат дека секоја активност со која ќе се продолжи животот на ИКТ уредите – како повторната употреба – треба да биде приоритетна.
  • Повторната употреба на компјутерите кои сè уште функционираат е повеќе од 20 пати поефективна отколку нивното рециклирање. Исто така, повторната употреба има помали потрошни трошоци отколку рециклирањето. Така, хиерархијата на отпадот, која ја има повторната употреба како поеколошка од рециклирањето, подеднакво се применува за несаканата ИКТ опрема како на другите видови отпад.
  • Додека ИКТ уредите најчесто се менуваат уште пред истекувањето на рокот на  нивната употреба, нивната повторна употреба е доста значајна, најмногу им оди во прилог на тие корисници кои не можат да си дозволат да набават и да користат нови ИКТ уреди
  • Значајната улога на искористување на веќе употребени производи е и дел од легислативата на ЕУ. На пример, Директивата за електронски и електричен отпад (The Waste Electrical and Electronic Equipment – WEEE) им дава и повисока употребна вредност на веќе искористените продукти, но поради недостиг на специфични делови и рециклирањето исто така игра голема улога. Сепак, треба да се посвети поголемо внимание на ова поле како би се постигнало некое оптимално ниво на искористување на веќе употребувани, но сепак сè уште употребливи производи.

Препораки:
За да се сфатат многуте предности од  повторната употреба, различните профили вклучени во раководење со неупотребливите ИКТ уреди (и друг е-отпад) треба да го направат следново:

  • Произведувачите треба да го намалат отпадот и загадувањето на животната средина со планирање на повторна употреба на нивните производи. Ваквите производи ќе имаат јасни надградувања и може лесно да се поправат и рециклираат. Премногу производи имаат предвиден работен век. Упатството за користење на производите треба да промовира повторна употреба наспроти рециклирање.
  • Корисниците треба да го зголемат максимално животот на производот со одложување на неговата замена се додека тој не го допре крајот на неговиот продуктивен живот. Корисниците можат да ја нагласат повторната употреба на производите со донирање на сè уште функционалната опрема за таа и понатаму да се користи, треба да се рециклира само онаа опрема која повеќе не е употреблива.
  • Владата треба да ги постави целите и стандардите за повторна употреба и да ги следи постигнувањата. Јавната едукација за хиерархијата на отпадот и повторната употреба како подобра опција од рециклирањето би била од огромна важност, како и барањето за сегрегација на опремата која може да се искористи повторно при локациите каде се собира отпад.

Во постот насловен Каде ја рециклирам мојата стара опрема?, на блогот Sustainable Electronics Initiative, Аида Сефик Вилијамс објави линк до програмата за враќање и донирање на електронска опрема и сподели линкови до сајтови каде тие што сакаат да рециклираат може да ги избришат своите лични податоци од мобилните телефони и компјутери.

Што правите вие со вашата стара опрема?

Сподели:

meta tim sliki-02.jpg

e-Отпад

-

Да

се

рециклира

или

повторно

да

се

употреби?