Изградба на целосен систем за интегритет на централно и локално ниво; заострување на прекршочната политика во основниот антикорупциски закон и дополнување на постојниот закон за заштита на укажувачите се само дел од препораките кои произлегоа како заклучоци во истражувањето што го спроведе Фондацијата Метаморфозис на тема Антикорупција и борба со организиран криминал.
Оваа област можеби е клучна за владеењето на правото во една држава и ги допира буквално сите власти и институциите што произлегуваат од нив, а со тоа ги допира сите граѓани кои постепено ја губат довербата во државата во која живеат доколку гледаат дека нема промени и искрена желба да се стави крај на лошите практики.
Насловот на изданието призлегува од состојбата што е констатирана при проверката на индикаторите кои покажуваат до каде сме стигнале на ова поле. Имено, и покрај силната декларативна заложба за бескомпромисна борба, секојдневието во политиката покажува дека креаторите на клучните закони и практики се подготвени на компромис поради ова или она, па во последен момент се носат непринципиелни одлуки од извршната или законодавната власт, која пак, влијае понатаму и врз правосудството.
Со такви компромиси во последен момент, каква што беше на пример амнестијата, или пак, амандманските промени во главниот антикорупциски закон, кои одат на ублажување на одредбите што се клучни за една силна антикорупциска комисија, борбата со корупцијата или организираниот криминал стануваат невозможни мисии.
Од истражувањето и разговорите со експертите произлегоа следните препораки:
- Изградба на целосен систем за интегритет на централно и на локално ниво;
- Заострување на прекршочната политика во основниот антикорупциски закон и преразгледување на процедурите за времетраењето на истрагите на ДКСК за финансирање на политички партии и изборни кампањи;
- Промена или нови дополнувања во Законот за заштита на укажувачите со цел да се оствари неговата основна улога – зголемување на бројот на пријавувачи на корупција;
- Промена и подобрување на законските решенија за конфискација на имот и управување со тој имот, стекнат преку криминал или корупциј;
- Замена на системот за контрола во полицијата од внатрешен со надворешен, независен систем од Министерството за внарешни работи. Овој надворешен систем мора да има силни законски овластувања и доволно финанасиски средства за кадровска и техничка опременост, со што би бил брана против корупцијата и криминогеноста кај оддлени полициски службени лица;
- Подобрување на полициските капацитети за борба против организиран криминал и корупција, особено во делот на финанските истраги околу перењето пари;
- Подобрување на екипираноста и буџетот на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција;
- Изградба на методологија и систем за оценка за квалитетот на обвинителни акти пред да се испратат до судовите;
- Формирање на посебна комисија при Советот на јавните обвинители кои првично би ги разгледувале жалбите на граѓаните за евентуална корупција на одделни обвинители. Комисијата мора да биде транспарентно претставена пред јавноста;
- Постојани истражувачки тимови на т.н. правосудна полиција при Обвинителството за организиран криминал и корупција;
- Изградба на цврст и јасен систем за дисциплинска одговорност на судиите во рамките на Судскиот совет кој би одговорил праведно и промптно доколку стигне пријава со сомневање за корупција кај одреден судија;
- Подобрување на севкупната транспарентност во судството како своевидна брана од злоупотеба на судските постапки или судскиот систем во целина од страна на корумпирани поединци во судството;
- Засилување на заштитните механизми при примена на Законот за јавни набавки.
Истражувањето е трето од петте што се планирани во рамките на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Следните истражувања ќе се однесуваат на реформата во медиумскиот сектор и на реформата во јавната администрација.
Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.