Дигитализација во сите сфери и за сите општествени групи (без исклучок) е ефективен механизам за подобрување на добросостојбата на граѓаните. Тоа подразбира унапредување на електронското работење и поголема ефикасност на институциите, организациите и на другите општествени субјекти. Неопходноста од дигитализација стана уште поевидентна поради пандемијата со КОВИД-19, затоа што укажа на ургентната потреба од механизми, алатки и од адаптирана регулатива за подобра организација и за целосно фукционално општеството. Притоа, до израз дојде и т.н. „дигитален јаз“, односно – разликите меѓу граѓаните во почетните позиции – за пристапот до Интерет и до соодветни електронски уреди, а оттаму и разликите во нивоата на нивните дигитални вештини / писменост.
Дигиталната агенда (ДА) го опфаќа развојот на информатичкото општество во најширока смисла. Со цел да се актуелизираат прашањата од ДА во државите од Западниот Балкан, тековно се спроведува проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА. Иако темата за ДА опфаќа бројни аспекти, сепак активностите и студиите на проектот ИЦЕДА главно се насочени кон спроведувањето на: е-влада, подигање на јавна свест, дигитална писменост и граѓанско учество. Во овие рамки, во периодот март – мај 2021 год., спроведено е и истражување консеквентно на основната студија (спроведена во периодот мај – јуни 2020 год.). Целта на истражувањето е да го измери напредокот во однос на почетната состојба од областите корелативни со ДА. Анализата резултираше со извештај во кој се обработуваат теми поврзани со поглавјата од ЕУ-законодавството, релевантни за ДА, односно со Поглавјето 10, именувано – „Информатичко општество и медиуми“.
_____________________________________________________________________________________
Оваа публикација е изготвена со помош на Европската унија. Содржините во оваа публикација се единствена одговороност на Фондација Метаморфозис и на истражувачкиот тим и на ниеден начин не ги одразуваат ставовите на Европската унија.