Единствено со јасен и разбирлив пристап кон сите граѓани, без исклучок, може да има одржлива дигитализација во сите сфери како ефективен механизам за значително подобрување на животниот стил на населението. Кога зборуваме за дигитализација во сите сфери, се повикуваме на унапредување и поголема ефикасност на институциите, организациите и другите субјекти. Бидејќи сме сведоци на пандемијата, можеме да забележиме дека овој чекор е повеќе од потребен за подобро функционирање на нашето општество и можеме да увидиме како оваа несреќна околност на некој начин го забрза ширењето на знаењето за придобивките од дигитализацијата. Сепак, мора да бидеме свесни дека брзата дигитализација сама по себе донесе и многу предизвици – пристап до дигитални уреди имаат и оние кои не се научени како правилно да ги користат, поради што се соочуваме со говор на омраза, лажни вести и дезинформации, малтретирање на интернет, компјутерски криминал итн.
Бидејќи не наидовме на сеопфатно истражување од ваков вид, во овој извештај се обидовме да обезбедиме еден основен осврт за состојбата со развојот на е-владеење и дигиталната писменост во Северна Македонија, со цел да се обезбеди почетна точка за понатамошно мерење на напредокот во овие области во корелација со Дигиталната агенда, како и да се обезбедат дополнителни препораки за подобрување.
Ова истражување е дел од Опсерваторијата за Дигиталната агенда и се спроведува во 5 земји од Западен Балкан, како дел од проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” кофинансиран од Европската унија и спроведуван од Фондација Метаморфозис (Северна Македонија) како водечка партнер, Академија за е-владееење (Естонија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора), Oтворени податоци Косово (Косово) и Levizja Mjaft! (Албанија). Темите кои ги обработува извештајот се поврзани со поглавјата што се релевантни за Дигиталната агенда, особено Поглавје 10 – Информатичко општество и медиуми од законодавството на ЕУ, со цел да се поттикнат и одново да се постават прашањата за Дигиталната агенда на Западен Балкан на агендата на ЕУ.
—————————————————————————————————————————————————————————————————————————————————-
Оваа публикација е изготвена со помош на Европската унија. Содржините во оваа публикација се единствена одговороност на Фондација Метаморфозис и на истражувачкиот тим и на ниеден начин не ги одразуваат ставовите на Европската унија.