Иако генерално основните слободи и права на човекот во РСМ се почитуваат, структурната дискриминација се уште постои. Дури и онаму каде што има стратегии и закони, имплементацијата зависи од менаџерските способности за посебните секторски области кои се покриваат (деца, Роми, антидискриминација), но и од финансирањето на сето тоа. Развојот на степенот на исполнување на основните права си има и цена – сметаат сите експерти со кои разговаравме, и тоа мора да се калкулира од секоја извршна власт во буџетите на државата.
Во извештајот, што е последен од проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД, во Извршното резиме се наведуват дел од следните заклучоци:
– Човековите права во РСМ генерално се почитуваат, иако во некои области се уште се забележуваат случаи на структурна дискриминација. Случаи на кршење на човекови права и дискриминација, надлежните институции понекогаш регистрираат и во самите институции на извршната власт.
– Стратешката и законската рамка за почитување на основните права во РСМ е добро покриена, генерално усогласена со сите поважни меѓународни прописи, со исклучок на одделни сегменти кои што се поврзани со ЛГБТ заедницата. Сепак, постојано се укажува потреба од носење законски измени на одредени закони за кои праксата покажала дека имаат слабости, а таа измена не ретко доцни од различни причини – некогаш кај извршната, некогаш кај законодавната власт.
– Имплементацијата страда од генерално два проблема – недостиг на човечки или инфраструктурен капацитет и недостиг на пари, односно потценето финансирање од Буџетот.
-Проблемот со лошите услови во институциите од затворен тип, пред се во притворските и затворските институции, како и во воспитно-поправните институции за малолетници е се уште силно изразен и со многу бавно темпо на подобрување.
– Дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ заедницата е се уште присутно во голема мерка. Трансфобијата е силно изразена дури и од претставници и на власта и на опозицијата.
– Инклузијата на Ромите, иако нормативно покриена, страда од недоволна буџетска поткрепа, а Ромите се уште се соочуваат со примери на дискриминација и на сегрегација.
– Говорот на омраза ( и криминалот од омраза) е феномен кој има тренд на влошување и зголемување во последните две-три години, вклучувајќи ја и 2022 година, а главна причина е неказнивоста, а не препознавањето и пријавувањето до надлежните институции.