Треба да направиме повеќе во Северна Македонија ако сакаме да го намалиме бројот на млади кои бегаат од државата, мислам дека немаме проблем со креирање стратегии за решавање на овој проблем, но заостануваме во нивното спроведување. Ова го истакна заменикот-главен уредник на новинската агенција „Мета.мк“ – Бојан Блажевски, говорејќи на тема „Економска миграција и одлив на мозоци (brain drain)“ на конференцијата POINT (Politic Accountability and New Technologies / Политичка отчетност и нови технологии) што започна вчера во Сараево, пишува Порталб.мк.
Осврнувајќи се на најновата студија на Вестминстер за Северна Македонија, Блажевски рече дека веќе трета година по ред резултатите се исти, при што 60 % од младите сакаат да заминат во странство ако можат, 27 % ако заминат не сакаат да се вратат, а 37% рекле дека има многу мали шанси да се вратат ако отидат во странство.
„Главниот проблем е дека секој граѓанин е важен, а ако тие сакаат да одат во странство, тоа е проблем, денес е проблем и да се најде водоинсталатер во Скопје, бидејќи повеќето од нив заминале во странство, во Европа. Мислам дека немаме проблем со стратегиите, можеме да правиме стратегии, но активностите што се предлагаат во стратегијата не секогаш се спроведуваат“, рече Блажевски.
Тој додаде дека земјата нема јасна стратегија што всушност треба да направиме.
„Ние некако, ова е моето чувство, трчаме по нив, особено по здравствените работници, се трудиме да ги зголемиме платите или да ги подобриме условите, но знаете дека секогаш има недостаток на ресурси, недостаток на пари. Можете да го направите тоа во период од 4-5 месеци, но потоа покачувањето на платите на лекарите е речиси ништо бидејќи Германија секогаш може да даде повеќе“, истакна Блажевски.
Тој нагласи и дека земјава има проблем со заминувањето на медицинскиот персонал, при што повикувајќи се на резултатите од истражувањето на Лекарската комора на Северна Македонија спроведено во 2019 година, речиси 12 % од лиценцираните лекари заминале во странство. Просечната возраст на тие лекари е околу 40 години, во период кога можат да ги заменат постарите лекари, тие едноставно заминуваат во странство, на пример во Германија.
Блажевски, меѓу другото, истакна дека проблемот со миграцијата беше истакнат и со пописот што се спроведе минатата година, при што, рече Блажевски, резултатите се лоши, со тоа што државата изгубила 9,2 % од населението споредено со резултатите од пред дваесет години, во 2001.
„Впрочем, сме изгубиле 185 илјади граѓани, што е многу за Северна Македонија. Можеби овој податок за поголемите земји не е голем проблем но, ако се земе на пример бројот на граѓани кои живеат во вториот и третиот најнаселен град во РМ по Скопје, практично овие бројки се околу 185 илјади. Изгубивме многу од нашето население и мислам дека ова е многу голем проблем за помалите земји, а особено за интелектуалците или оние кои работат во здравствениот сектор. Би рекол дека просечната возраст на населението е околу 40 години и имаме 638 илјади граѓани помлади од 29 години, што е околу 34 % од целокупното население“, рече Блажевски.
Покрај миграцијата во странство, Блажевски нагласи дека и луѓето од другите градови во државата се селат во Скопје.
„Скопје има рекорден број граѓани, како никогаш досега. Во самиот град имаме 526 илјади граѓани, а со предградијата тоа се околу 600 илјади што е голема бројка споредено со бројот од пред две децении. Луѓето не само што заминуваат во странство, туку во Скопје доаѓаат и жители од помалите градови. Практично 1/3 од населението живее во Скопје и ако ги земеме соседните градови како Тетово, Куманово и Велес кои се оддалечени 50 километри од Скопје, во овој дел од државата имате 850 илјади граѓани “, рече Блажевски.
Заедно со Блажевски истиот проблем во нивните земји го посочија и Јасмин Хасиќ– Професор по меѓународни односи и извршен директор на Humanity in Action-Босна и Херцеговина, Андреа Мичановиќ– аналитичарка во Центарот за демократија и човекови права – Црна Гора; Гордана Радојевиќ– Претседателка на Здружението на статистичари и демографи – Црна Гора.
Конференцијата можете да ја погледнете на следново видео:
Покрај Блажевски, на конференцијата говореше и главната уредничка на Порталб.мк – Елида Зилбеари како и главниот уредник на Вистиномер – Владимир Петрески.
Инаку, конференцијата POINT е во организација на членовите на мрежата ACTION SEE, чиј дел е и Фондацијата Метаморфозис.
Сподели: