Фондацијата Метаморфозис (metamorphosis.org.mk) денеска по четврти пат го прославува 2. Април, Денот на проверката на факти во соработка со Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) во која членуваат околу 80 организации од целиот свет. Преку својот портал за јавна отчетност и транспарентност Вистиномер (vistinomer.mk) Метаморфозис е сертифицирана членка на IFCN од 2019 година, вклучувајќи се на тој начин во сите активности на мрежата.

Со оглед на појавата на корона вирусот во глобални рамки, која предизвика наплив на дезинформации и нивно забрзано ширење преку социјалните мрежи, IFCN ја основа Алијансата за борба против корона вирусот со факти (#CoronaVirusFactsAlliance, #CoronaVirusFacts), во која над 100 организации од 45 земји досега имаат придонесено со над 1.500 проверки на факти од медиумски содржини и изјави на јавни личности, при што оваа бројка расте од ден во ден. Метаморфозис, преку своите иницијативи и портали за проверка на факти во оваа база засега придонесе со околу 40-ина проверки на факти на македонски, албански и англиски јазик.

Инаку, Метаморфозис веќе цела деценија работи на полето на проверката на факти и раскринкувањето на сите видови дезинформации во јавната сфера.

Првиот проект на Фондацијата од овој вид беше Вистиномер, кој се појави уште во 2011 година, а чија цел е засилувањето на отчетноста и транспарентноста кај јавните личности и институции преку вршење проверки на вистинитоста на нивните изјави и соопштенија, употребата на спинови и манипулации, како и утврдување на исполнетоста на предизборните ветувања на политичките партии.

Од 2012 до 2017 година, Метаморфозис го имплементираше проектот за проверка на факти, во чиј склоп беше публикуван и истоимениот Сервис за проверка на факти (СПФМ – proverkanafakti.mk), во кој се проверуваше вистинитоста на објавите во медиумите. Во рамките на овој Сервис, во текот на 5-годишниот период од неговото постоење беа објавени над 2.400 рецензии на новинарски производи и уште 1.200 написи од други видови на македонски и албански јазик.

Од 2018 година, пак, Фондацијата го спроведува проектот Критинк – Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност (Crithink.mk-Critical Thinking for Mediawise Citizens), кој работи на подобрување на медиумската писменост и развивање на критичкото мислење кај граѓаните преку обуки, работилници, тренинзи и изработка на едукативни мтеријали, истовремено нудејќи и практична примена на овие дисциплини преку вршење на проверки на факти врз написи, видеа и содржини од социјалните мрежи за директно и на јасен и разбирлив начин да се покаже како треба да се користи критичкото мислење и методологијата за проверка на фактите со цел да се разоткријат дезинформациите во медиумите, а со тоа и да се зголеми нивото на медиумска писменост кај граѓаните.

Со распламтувањето на корона вирусот, а со тоа и со појавата на голем број дезинформации поврзани со епидемијата, Критинк во текот на месец март наместо предвидените 15, објави дури 60 написи од кои најголем дел се токму рецензии на новинарски производи на теми поврзани со корона вирусот, обидувајќи се да ги раскринка дезинформациите и да ги расчисти нејаснотиите во медиумите.

Од 2018 година, исто така, Фондацијата Метаморфозис стана централна локација за проверка на факти во регионот преку развивање на соработката меѓу проверувачите на факти на Балканот.

Медиумите на Фондацијата, Агенцијата Мета (meta.mk), Вистиномер и порталот на албански јазик, Порталб (portalb.mk), почнаа да создаваат регионална мрежа на организации и новинари од регионот со цел да се развие соработка меѓу проверувачите на факти на Балканот и да ѝ се овозможи на јавноста полесно да ги воочи дезинформациите кои се шират низ регионот.

Метаморфозис веќе има потпишано меморандуми за соработка со 5 организации од регионот, а со уште 4 организации и поединци потпишувањето е во тек. Во чест на денешниот Ден на проверката на факти, Фондацијата денес ја објави и основачката Декларација на оваа регионална иницијатива и ги повика сите проверувачи на факти да ѝ пристапат.

На крајот, дозволете ни да ги повикаме сите граѓани, особено сега во текот на епидемијата со корона вирусот, кога ќе забележат дезинформации во јавната сфера, а кои се на штета на јавниот интерес, без оглед дали станува збор за медиумите, политичарите или социјалните мрежи, да се обратат до било кој од порталите на Фондацијата и да нѐ известат, а ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ да извршиме проверка според професионалните новинарски принципи и на таквите дезинформации да им се спротивставиме со факти.

Сподели: