Словачкото искуство со штетни влијанија врз изборите го презентираше Јан Цингел. Изборите што во Словачка се одржаа во септември годинава, после извесен период на водење на земјата од техничка влада, биле и првиот момент кога била искористена вештачката интелигенција за да се влијае на мислењето на јавноста

Последната сесија од денеска одржаната меѓународна конференција „е-Општество.мк“, што Фондацијата Метаморфозис ја организираше по 19-ти пат, беше посветена на проблемот на дезинформациите и злоупотребата на вештачката интелигенција за штетно влијание врз демократијата, односно, поконкретно врз изборите и размислувањето на гласачите.

На темата „Дезинформации на стероиди: Закана за интегритетот на изборниот процес“ говореа: Јан Цингел, основач и претседател на „Strategic analysis” од Словачка, Бојана Костиќ, истражувачка и застапничка за дигитални права од Холандија, Фитим Гаши, координатор на проекти за дезинформации во „Сбункер“, Косово, како и Филип Стојановски, директор за развој од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“.

Стојановски првин го претстави проектот Western Balkans Anti-Disinformation Hub, кој, инициран од Метаморфозис, опфаќа шест организации од Западен Балкан што се обидуваат со заеднички напори да се сузбие штетното влијание на дезинформациите, коишто и поради јазичната блискост или изедначеност многу лесно ги поминуваат балканските меѓи. Некои од најизразените примери на дезинформации, Стојановски ги претстави преку дебанкинг-текстови од проверувачите на факти од шесте организации.

Словачкото искуство со штетни влијанија врз изборите го презентираше Јан Цингел. Изборите што во Словачка се одржаа во септември годинава, после извесен период на водење на земјата од техничка влада, биле и првиот момент кога била искористена вештачката интелигенција за да се влијае на мислењето на јавноста.

„Покрај присуството на проруските наративи кои се шират главно преку социјалните медиуми, имавме и два примери на злоупотреба на вештачката интелигенција, односно креирање дипфејкови, кои, иако беа со слаб квалитет и беше очигледно дека се производ на вештачка интелигенција, сепак заведоа многу луѓе да поверуваат дека се вистина, односно повлијаеја на голем број гласачи“, појасни Цингел.

Првиот пример на дипфејк, односно невистинита аудио содржина креирана со вештачка интелигенција, била со низок квалитет и не била сфатена многу сериозно. Станувало збор за монтирање со вештачка интелигенција на „разговор“ на претседателот на партијата „Прогресивна Словачка“, кој наводно кажува дека ако победат ќе ја покачат цената на пивото. Иако тоа прашање е многу чувствителна тема во земја каде што многу се пие пиво, сепак не излажала многумина, објасни тој.
Но, второто видео имало многу посилен ефект.

„Второто аудио креирано со вештачка интелигенција беше пософистициирано. Беше наводен разговор на претседателот на Либералната партија со една истражувачка новинарка која пишува за корупциските скандали на претходната власт. Во разговорот наводно партискиот лидер крои планови како се манипулираат изборите – како да се купат гласови на Роми, како да се купат новинари и слични теми. Квалитетот и на ова аудио беше слаб, но сепак почна да се шири главно на Телеграм канали на проруски јавни личности. Потоа се прелеа и на социјалните медиуми“, објасни Цингел.

Тој нагласи дека ефектот од таа измама бил поголем кај десничарски ориентираното гласачко тело.

„Оние луѓе што сакаа да гласаат за десните и крајно десните велеа дека либералите сакааат да ги украдат избориите. Дипфејкот ги потврди нивните сомнежи. Но не смени мислења на многу луѓе што сакаа да гласаат за либералните“, рече Цингел.

За проблемот за влијанието на дезинформациите во политичката ситуација на Косово, но и за некои „поскандалозни“ дезинформации во албанскиот јазичен простор говореше Фитим Гаши од „Сбункер“, а експертката Бојана Костиќ се осврна на досега преземените мерки во ЕУ за заштита на дигиталните права и борбата против дезинформациите, како и за мерките што треба да се преземат за да се спречат злоупотребите на вештачката интелигенција.

Линк до оргиналниот текст: Дезинформациите со злоупотреба на вештачката интелигенција можат да бидат штетни за изборите | Meta.mk

Сподели: