Владите од Западен Балкан со собраа по повод Дијалогот за Отворено владино партнерство во Западен Балкан за 2015 година, во Тирана, Албанија на 10 и 11, 2015 година. На настанот присуствуваа околу 250 учесници од земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија, Косово) и пошироко (Обединето Кралство, Хрватска, Грузија, Полска итн.) како претставници на владите и граѓанските општества.
Впечатливо е што граѓанските организации од Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Албанија успеаја да ја координираат својата работа со владите и парламентите, за прв пат во рамки на Отвореното владино партнерство. Тоа е она што е уникатно за ОВП, бидејќи поттикнува ангажман и акција на владите и граѓанското општество.
Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија во моментов ги подготвуваат и спроведуваат своите национални акциски планови за периодот 2014-2016 година. Во јуни 2014 година, Косово се заложи за приклучување во ОВП, а во септември 2014 година, Босна и Херцеговина стана најновата земја-потписничка на ОВП. Така, дијалогот за ОВП во Западен Балкан претставуваше одлична можност за Движењето за Отворена влада во земјите од Западен Балкан и пошироко.
ACTION SEE, регионалната мрежа за застапување за транспарентност и отчетност, ко-основана од Метаморфозис, одржа сесија за показателите за транспарентност и отчетност, но и ги презентираше искуствата од Вистиномер и од Сервисот за проверка на факти од медиумите во рамки на „Отворена влада, ангажирани граѓани“, во Тирана, Албанија. Дводневниот настан е дел од Дијалогот за Отворено партнерство во Западен Балкан.
Фондацијата Метаморфозис на дводневниот настан имаше штанд за промоција на програмата за софтверски донации TechSoup Balkans, наменета за невладините организации кои учествуваа на конференцијата.
Агендата на Дијалогот за Отворено владино партнерство беше осмислена за поттикнување на учесниците да учат од другите за ефикасните напори за зајакнување на отворената власт и за тоа како да ги надминуваат проблемите што се појавуваат во текот на тој процес. Дијалогот за ОВП во Западен Балкан ги повикува владите и организациите на граѓанското општество од земјите-членки на ОВП што се соочуваат со миграција или транзит на бегалци, да постапуваат во духот на проактивна отвореност при справувањето со таа хуманитарна криза. Настанот вклучуваше сесии за приоритетни теми: политичка посветеност на високо ниво за ОВП и пристапување во ЕУ, отворени податоци, подобрување на јавните услуги, побезбедни заедници, борба против корупцијата, отворено буџетирање, законодавна отвореност итн.
Главниот резултат од конференцијата беше воспоставувањето на Регионален форум, каде што владите и граѓанските организации од Западен Балкан ќе имаат можност да ги споделуваат искуствата од нивните земји околу тоа како отвореноста може да ги подобри јавните услуги, да го поттикне економскиот раст, да ги намали сиромаштијата и корупцијата и да ја врати довербата на јавноста во владата. Регионалниот пристап ќе служи за потенцирање на добрите практики и успешните иницијативи, за справување со предизвиците и за воспоставување регионална поддршка и механизми за размена.
Сподели: