Иако заштитата на вашата приватност, но и безбедноста на вашата професионална работа на интернет, не може да биде сто процентна, постојат бесплатни алатки што може да ги користите и чекори што може да ги преземете. Како на пример користење на TOR интернет пребарувачот, или Orbot за мобилни телефони, PGP енкрипција за електронска пошта, но и користење на Pidgn и Jitsi за екнтриптиран онлајн чат.
Ова се само дел од алатките што првите дваесетмина што се пријавија, можеа да ги запознаат на обуката на тема „Како да ја заштите вашата приватност на интернет“, која Фондацијата Метаморфозис ја организираше во соработка со активисти кои работат во полето на онлајн приватноста и сигурноста. Обуката се одржа на 24 јуни во ГЕМ клубот од 10 часот наутро до 17 часот попладне.
Исто така, учесниците можеа да се запознаат со начинот на кој безбедно се управува со лозинки, но и како правилно се користи антивирус софтверот за заштита од разни видови malicious software.
Сите присутни можеа да дознаат кои се главните закани за безбедноста на интернет, како можат да спречат да им биде пробиен профилот или електронската пошта, како да ја скријат локацијата на компјутерот и слично.
Во време кога најголемиот дел од комуникацијата се одвива дигитално, што вклучува оставање на голем број податоци на глобалната мрежа кои можат да бидат цел на напад, неопходно е што повеќе луѓе да ги запознаат ризиците и алатките за заштита и безбедност на интернет.
Бидејќи праксата покажа оти мета на пресретнување на електронските комуникации можат да бидат сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и граѓанските организации, ваквата обука одговара на потребата да се намалат ризиците од такво нешто.
Како особено битна, за време на обуката, беше промовирана и македонската верзија на Security in a box водичот за дигитална безбедност за активисти и бранители на човековите права низ светот. Овој водич објаснува кои се и како се користат најбитните алатки за безбедност на интернет.
Повеќе фотографии од обуката на тема „Како да ја заштитите вашата приватност на интернет?“ може да најдете на овој линк.
Сподели: