Слика од Freepik

Еден од поголемите предизвици кога како квир активист(к)и се обидуваме да ја покренеме јавната свест и институционалната волја за нашите секојдневија е да се остане смирен, здрав, а и безбеден гледајќи директно во очи на енормното ширење на говор на омраза кон нас и нашите заедници.

Изминатиот период како и секоја година го одбележавме месецот на гордоста во којшто насекаде низ светот се дава видливост на ЛГБТИ+ заедницата имајќи го предвид историското субверзивно и протестно значење на овој месец. Обидувајќи се да го обележиме јавниот простор само на еден ден преку Парадата на гордоста сакаме да поставиме нови динамики во едно општество коешто упорно се труди да го постави наративот дека нашите животи се помалку вредни или дека треба да бидат скриени во нашите четири ѕида. Во очи на овој настан, напливот на говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата и поддржувачите секогаш кулминира. Она што е загрижувачки во споредба со минатите години е дека ваквиот говор на омраза доаѓа на едно многу поорганизирано ниво во споредба со минатите години.

Страниците на социјалните мрежи како „Преземи одговорност“ и „Коалиција за заштита на децата“ се едни од главните центри на ширење на дезинформации и поттикнувачи на навредлив говор на омраза кон нашите заедници. Во интервју коешто го дадов пред Парадата на гордоста во коешто укажав на тоа дека младите ЛГБТИ+ лица сѐ почесто се соочуваат со насилство и дека несомнено е дека возрасните не може да ги негираат нивните идентитети и покрај сѐ, групата „Преземи одговорност“ ме тартгетираше мене и мојата организација каде што преку лажно пласирање на информации и извртување на вистината бевме обвинети за промовирање на педофилија. Во коментарите на овој пост луѓето ме прогласуваат за личност којашто не треба да има никакво мислење за безбедноста на младите само затоа што сум немал деца, повикуваат на тоа жив да се запалам и бавно да горам, „мрша скапана“ и дека воопшто на таквите како нас не требало да ни се дава медиумски простор. Ова е реалноста во оваа држава, каде што говорот на омраза на доста наврати знае да ескалира и во физичко насилство и да доведе до кобни последици. Парадоксално е тоа што луѓето коишто на големо се декларираат како мирољубиви се истите тие коишто повикуваат на смрт и линчување. Крајно време е да се преиспитаме како општество и да расчитиме со ваквите невистини. Како општество, мора сериозно да се посветиме на развивање на нашите вештини за разбирање на различностите, зголемување на толеранцијата и обезбедување простор за дебата и аргументирана размена на мислења.

Слика од Freepik

Она што доплнително ги охрабрува овие групи и индвидуи да шират говор на омраза кон маргинализираните групи е нивната неказнивност. Ретко, а речиси и никогаш нашата заедница не видела правда во тоа некој да биде казнет за тоа што отворено повикува на насилство и шири омраза на интернет. Како за споредба, сме гледале како инститциите се многу ажурни и експресни во своето делување кога се ширел говор на омраза кон политичари и центри на моќ. Очигледно е дека државата не ги смета нашите животи за доволно вредни и дека пораката којашто ја испраќа на овој начин е дека животот на еден политичар наспроти на обичниот (особено ЛГБТИ+ граѓанин) не е поеднакво важен за заштита и внимание.

Групите како „Преземи одговорност“ и „Коалиција за заштита на децата“ претставувајќи се под превезот дека ги заштитуваат женските правата го прават едно од најактивните и најорганизирање демонизирања на трансродовата заедница, којашто е една од најмаргиналните заедници во нашата државата. Преку проекцијата на филмот „Што е жена?“ на Мет Волш видовме мобилизирање на граѓаните преку содржина којашто глобално е препознаена како содржина со трансфобична природа од страна на Мет Волш.

Вистината е дека овие групи не се ни најмалку загрижени за правата на жените. Само пред неколку месеци кога бевме сведоци на споделување информации за силување во подкастот на Стефан Лазаров, овие групи никаде не застанаа да ги одбранат правата на жените и да го осудат ваквиот говор. Ниту пак застанаа да ги одбранат правата на жените ромки коишто немаат пристап до основни права како гинеколошки услуги. Ниту пак застанаа да ги поддржат сиромашните жени. Напротив, ова се групи коишто застанале против голем дел од она што значи солидарно, хумано и еднакво општество користејќи ги најранливите како топовско месо за нивните агенди.

Верувам дека и на овој текст загрижената хомофобична, трансфобична и женомразачка публика ќе се мобилизира и ќе бара да ми се одземе секакво право на глас. Нивната опсесија со тоа да ги замолчат нашите гласови е огромна. Но во исто време нашите гласови постојат и тие се погласни и пообединети од било кога. Нашите пораки се базирани на давање надеж и чувство на сигурност во времиња дури и кога самите не сме до крај сигурни дека подобри времиња доаѓаат. Нашиот јазик е без омраза затоа што нашата борба и идеја бара да замислиме нови светови во коишто јазикот, а и неговата манифестација ќе биде базирана на целосно почитување на интегритетот и идентитетот на секоја единка во општеството.

Општеството воопшто треба да се издигне и да изгради начини на којшто ќе спречи вакви изблици на омраза коишто се почесто стануваат секојдневние. Потребно е силно осудување на говорот на омраза од страна на оние коишто ги држаат позициите на моќ, негово пријавување на социјалните мрежи како говор којшто вознемирува и е базиран на омраза, соодветно пријавување во институциите, како и реагирање во директна и посредна близина кога ќе се најдеме меѓу лица коишто шират говор на омраза и нетрпеливост. Ова подразбира и соодветно постапување на институциите кога ќе забележат пријавување на дела од омраза особено кога се базирани врз маргинализирани заедници.

Извор: Лична архива на авторот

Автор: Ангел Димитриевски

Ангел Димитриевски работи во Здружението за едукативен развој Еквалис на програми поврзани со младински активизам, родова и ЛГБТИ+ еднаквост и медиумска писменост. Тој е ЛГБТИ+ активист, како и активист за правата на лица со хронични болести и дијагнози.

Овој текст е подготвен како дел од проектот „Добро владеење во кибер безбедноста во Западен Балкан“ имплементиран од DCAF – Женевски центар за управување со безбедносниот сектор и финансиран од Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Владата на ОК. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на DCAF и донаторот.

За да прочитате повеќе за родовата перспектива на случаи поврзани со говор на омраза на интернет во Северна Македонија, прочитајте го истражувањето Онлајн активност, штета во живо: Студии на случај за родот и сајбер безбедноста во Северна Македонија и Западен Балкан кое го подготви Фондација Метаморфозис со поддршка на DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.

Ставовите и заклучоците изразени во оваа студија им припаѓаат на авторите и Фондацијата Метаморфозис и не мора да ги одразуваат ставовите на DCAF и FCDO. Авторските права на оваа публикација и припаѓаат исклучиво на Фондацијата Метаморфозис. Ниту еден дел од оваа публикација не смее да се репродуцира или пренесе во каква било форма или на кој било начин без претходна писмена дозвола од Фондацијата Метаморфозис.

Сподели: