Фондацијата Метаморфозис и редакциите на сервисот за проверка на факти Вистиномер, новинската агенција Мета.мк и порталот за вести PortAlb.mk изразуваат поддршка и солидарност за хрватскиот медиум за проверка на факти Faktograf.hr чии новинари се цел на смртни закани, хакерски напади и против кои се води оцрнувачка кампања наменета да ја задуши нивната слобода на изразување.
Членовите на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) ширум светот, а особено на Балканот, беа предмет на слични кампањи од креатори на дезинформации кои вклучуваат медиумски манипулации кои погрешно ја прикажуваат нивната работа за јавниот интерес.
Додека проверката на фактите промовира јавна дебата преку јавно разоткривање на лажни и сомнителни содржини, кампањите за оцрнување, како што е онаа насочена кон Faktograf.hr, имаат за цел да ги замолчат новинарите кои ги разоткриваат дезинформациите користени во различни шеми за правење профит и ја задушуваат јавната дебата.
Метаморфозис ги повикува хрватските државни институции експедитивно да го процесираат овој криминален случај и да обезбедат заштита за новинарите и граѓаните кои користат проверка на факти за да ги адресираат клучните прашања што ги засегаат нашите општества, од политичка одговорност до инфодемијата поврзана со Ковид-19.
Јавната проверка на факти е жанр на новинарство чии практичари се најмногу изложени на онлајн напади затоа што ги разоткриваат дезинформациите што се шират од конкретни малигни чинители. Тие ги обезбедуваат сите докази, применувајќи ги највисоките стандарди за транспарентност содржани во Кодексот на принципи на IFCN, како и нивните индивидуални јавни методологии и политики на партнерствата развиени преку Програмата за проверка на факти од трети страни на Фејсбук.
Други кампањи за оцрнување и заплашување против проверувачите на факти се во тек на Балканот со периодични варијации на интензитет, вклучително и во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Покрај таргетирањето на поединечни новинари и вработени, овие кампањи ги напаѓаат и основните принципи на новинарството и се обидуваат да ја поткопаат довербата во професионалната медиумска работа чиј составен дел е проверката на факти.
Сподели: