Интервју со говорничка: Мила Јосифовска Даниловска

Мила Јосифовска Даниловска е програмски менаџер за социјална отчетност и човекови права онлајн во Фондацијата за Интернет и општество Метаморфозис. Таа ќе биде дел од панелот во програмскиот дел „Прикажување на успешни проекти“ на вториот ден од Конференцијата за дигитален суверенитет.

Целото интервју е преземено од ДИСКО Словенија – Конференција за дигитален суверенитет.

🪩 ДИСКО:

Што значи за вас дигиталниот суверенитет? Како (се обидувате да) живеете дигитално суверен живот?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Мојот однос со дигиталниот суверенитет флуктуира секој ден врз основа на новитетите за кои учам. Генерално, сè се сведува на тоа како можам да ја „контролирам мојата дигитална судбина“. Се обидувам да ја задржам оваа контрола преку практикување на добра сајбер хигиена и запознавање со сите тековни случувања и трендови што можам да ги искористам во моја корист.

🪩 ДИСКО:

Додека сме сведоци на брзи технолошки откритија во областа на вештачката интелигенција, кои дигитални права ги сметате за најзагрозени?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Приватност. Системите за вештачка интелигенција се потпираат на огромни количини на податоци за да работат ефективно, што предизвикува загриженост кога личните информации се собираат и потенцијално се злоупотребуваат без знаење или согласност од поединци. Алгоритмите за надзор (surveilance) може да наследат предрасуди присутни во податоците од обуката, кои можат да ги нарушат дигиталните права на поединците преку промовирање на нееднаквости и дискриминација.

🪩 ДИСКО:

За какви други закани за дигиталните права сте загрижени? Дали имате некакви сознанија за тоа како можеме да им се обратиме како општество?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Сајбер-безбедноста е истакната грижа во регионот на Западен Балкан, особено во поглед на ограничената подготвеност што ја покажуваат и институциите и граѓаните. За да се негува и поттикне едно општество кое е отпорно на сајбер закани важно е да се изгради инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни.

🪩 ДИСКО:

Како може настаните како што е ДИСКО Словенија 2023 да помогнат во поттикнувањето на меѓународните соработки и партнерства во промовирањето на дигиталниот суверенитет и заштитата на граѓанските слободи во меѓусебно поврзаниот свет?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Со оглед на сличностите на локалниот контекст во кој работиме во регионот, ова е совршена можност да препознаеме различни примери на трансформативната моќ на активното и ангажирано граѓанско општество во контекст на дигиталниот суверенитет и да учиме од искуствата на едни со други. Заедно, можеме да ја истакнеме политиката на технологијата и да ја подигнеме свеста за постоечките проблеми, но и да воспоставиме нови сојузи во нивното решавање на повисоко ниво.

🪩 ДИСКО:

Што би сметале за одговорен и инклузивен инженеринг (engineering)? Кои се клучните етички размислувања што треба да ги водат развојот и примената на новите технологии за да се обезбеди дигитален суверенитет и да се заштитат човековите права?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Одговорното и инклузивно инженерство има улога во создавањето технолошки екосистеми кои ги омоќуваат поединците, ја почитуваат нивната автономија и ги штитат нивните дигитални права. Затоа е клучно да се вклучи транспарентност во дизајнот и работењето на технологијата, да се обезбеди рамноправен пристап кон и придобивки од технологијата, да се минимизираат предрасудите и дискриминацијата, да се заштити приватноста и да се поттикне одговорноста за девелоперите, операторите и корисниците на овие технологии. Инклузивното инженерство треба активно да вклучува различни засегнати страни, со акцент на маргинализираните заедници, за да се осигури дека нивните гласови се слушаат и нивните потреби се адресираат соодветно.

🪩 ДИСКО:

Каков совет би им дале на поединците за тоа како одговорно да се движат низ онлајн околината во однос на нивната приватност и дигитални права? Дали има некои специфични алатки што би ги препорачале?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Размислете пред да кликнете. Можеби звучи како клише, но ова важи за многу работи, од тоа станување свесни за тоа какви информации споделувате за себе или за другите, до каква содржина пристапувате и на кои измами “паѓате”, со што се согласувате во Условите за користење, па сè до тоа дали со своите постапки ги загрозувате дигиталните права и приватноста на останатите. Затоа дигиталната писменост и медиумската писменост се од клучно значење за граѓаните да можат да размислуваат критички, и компетентно и етички да се движат низ онлајн-околината. Во случај вашата приватност или дигитални права да бидат загрозени, послужете се со овие бесплатни основни алатки: Дигитална прва помош и Алатки за сајбер-безбедност.

🪩 ДИСКО:

Можете ли да препорачате книга што сите треба да ја прочитаме пред конференцијата, подкаст на кој треба да се претплатиме и/или веб-локација што треба да ја обележиме?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Слушнете го подкастот за дигитално управување на Академијата за е-владеење, особено подкастот во октомври каде што зборувам за зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда за Западен Балкан. ☺

🪩 ДИСКО:

Која диско мелодија дефинитивно треба да ја додадеме на листата за репродукција на забавата за отворање?

🎤 Мила Јосифовска Даниловска:

Dancing queen – ABBA

Сподели: