Пандемијата имаше силно влијание врз општеството ширум светот, а ниту образовниот систем не беше отпорен на тоа. Токму затоа сите засегнатите страни од различни сектори треба заеднички да работат, да разменуваат практики со цел да ги ублажат последиците и да обезбедат граѓани кои компетентно и етички ги користат дигиталните алатки за да ги остварат своите права и одговорности и да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација.

На покана на Универзитетот Хумболт во Берлин и Универзитетот на Југоисточна Европа (Северна Македонија), Метаморфозис учествуваше на работилницата DAAD 2023 „Влијанието на пандемијата врз информатичкото образование: преглед и следни чекори“ како единствен претставник на граѓанскиот сектор меѓу универзитетските наставници и други академски претставници. Работилницата се одржа помеѓу 3 и 9 септември 2023 година во Скадар, Албанија, со академски претставници од Германија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Унгарија, Романија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина. Работилницата беше базирана на програмата DAAD „Дијалог со универзитетите од Западен Балкан“, со цел да се соберат и разменат искуства од информатичкото образование во последните години.

Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Фондацијата Метаморфозис учествуваше на работилницата и сподели дел од многуте иницијативи на Метаморфозис за воведување иновации во образованието, расветлувајќи го и влијанието што дигиталната трансформација го има врз образованието и е-услугите што им се потребни и ги користат на граѓаните.

„Сите проекти на Метаморфозис носат значајна компонента за градење на капацитети, насочена не само кон едукација, туку и кон трансформирање на образовниот процес користејќи онлајн и офлајн методи. Основен фокус на нашите напори за градење капацитети е воведувањето и промовирањето на дигитални алатки за подобрување на искуството за учење. Со искористување на технологијата, имаме за цел да ги подигнеме образовните резултати, да овозможиме поголем пристап до ресурсите и да ги подготвиме граѓаните за дигиталниот свет. Нашата заложба не е само да едуцираме, туку да ги омоќиме и засилиме граѓаните преку дигитални иновации“. – сподели таа.

Сподели: