На 17 мај се одржа конститутивната седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2024-2026. На седницата се официјализираше конституирањето на Советот како советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија (ПОВ) за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови.

Седницата ја отвори министерот за информатичко општество и администрација Наим Бајрами. Тој се осврна на придобивките од процесот, важноста од вклучувањето на сите засегнати страни, како и на Националниот акциски план за ПОВ 2024-2026 кој се надоврзува на претходниот интензитет на работа со преземање обврски за зголемување на учеството на јавноста и испорака на решенија кои прават разлика.

Министерот Бајрами истакна дека воспоставувањето на Советот ќе обезбеди на структуриран начин да се максимизира учеството и соработката помеѓу институциите и граѓанското општество, и тоа во сите фази на процесот на ПОВ.

„Убеден сум дека овој Совет, со воспоставениот состав од 8 членови кои ја претставуваат Владата, Собранието и Врховниот суд на Република Северна Македонија и еднаков број претставници од граѓанските организации номинирани преку Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт, ќе одговори на заеднички поставените цели“, рече министерот Бајрами.

На седницата се обрати и Гордана Гапиќ Димитровска, национална координаторка на Република Северна Македонија за ПОВ, која укажа дека е огромно задоволството од воспоставувањето на Советот, темелено на искуствата од претходниот циклус, со што се воспоставува функционален систем на координација и следење на процесот за ПОВ.

Маријана Јанческа, како претставник на Мрежата на граѓански организации истакна дека и во овој процес на ко-креација граѓанските организации беа активно вклучени како фасилитатори на приоритетните области и како членови на Советот, со активна поддршка на сите членови од работните групи.

****

Партнерство за отворена власт претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоено шест национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за ПОВ е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

За постигнување на потребниот успех и за соодветна и навремена имплементација неопходна е добра организација и координација и тоа во духот на Партнерството за отворена власт. Вклученоста на граѓанското општество и институциите е суштинска за успехот на целиот процес. Токму затоа, структурата за координација, следење и спроведување на процесот во Република Северна Македонија ја сочинуваат Советот за Партнерството за отворена власт и Работната група со сите чинители за спроведување на Националниот Акциски план за Партнерството за отворена власт, со целосна поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација како надлежно министерство за оваа иницијатива.

Веста е преземена од сајтот на МИОА – https://www.mioa.gov.mk/mk-MK/news/odrzana-konstitutivna-sednica-na-sovetot-za-koordinacija-i-sledene-na-procesot-na-partnerstvo-za-otvorena-vlast-2024-2026.nspx

Сподели: