На 10 декември, 2015, за време на единаесеттата меѓународна конференција е-Општество.мк на тема „Слобода и приватност на интернет“, беше промовирана публикацијата со наслов „Законите во Македонија – Придржување до принципите за заштита на личните податоци“.

Оваа публикација ги обработува законските и институционалните рамки за заштита на приватноста, односно, дава увид во тоа како 35 закони од 12 области се придржуваат до начелата за заштита на личните податоци и ја штитат приватноста на граѓаните. Публикацијата содржи детална правна анализа на законите, но и препораки за истите.

Дополнително, публикацијата содржи и водич за граѓаните, што тие можат да направат доколку се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени, односно, нивната приватност е нарушена.

Целта на проектот е да се покрене свеста кај граѓаните за важноста од почитувањето на приватност и важноста од заштитата на личните податоци. Истражувањето ги идентификува и анализира законите и подзаконските акти кои би можеле да ја загрозат приватноста на граѓаните. Воедно, проектот посочи на низа недостатоци во законската регулатива во однос на заштитата на личните податоци на субјектите, како и конкретни препораки за одделните закони, но и препораки по области.

Во рамки на проектот создаден е и веб сајтот, www.privatnost.mk, каде заинтересираните можат да дознаат повеќе за текот на истражувањето, да ги преземат анализираните закони и да се информираат како да постапат доколку нивните лични податоци се злоупотребени.

Публикацијата е достапна за преземање на македонски, англиски и албански јазик.

Сподели: