„Технологијата е средство за олеснување и личен развој на лицата со посебни потреби. Истата може да го олесни животот на лицата со хендикеп и да им помогне да ги искористат своите потенцијали“, – рече Владимир Лазовски, извршен директор на Отворете ги прозорците.
Едниот прирачник е наменет за наставници и е насловен „Употреба на информатичката технологија во училиштата за деца со посебни потреби“. Прирачникот е изработен со финансиска поддршка на Град Скопје и е издаден на македонски и албански јазик.
Вториот прирачник „Како да го направите компјутерот полесен за употреба – пристапни опции во Edubuntu Linux“ е развиен во соработка со Метаморфозис и Слободен Софтвер Македонија и со дефектолози.
Прирачниците имаат за цел да ја подобрат инклузивноста на образовниот систем.
„Основната замисла е да овозможиме вклучување на сите луѓе во новите придобивки од технологијата, како и да овозможиме интеграција на сите луѓе во сите области во општеството, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби“ – рече претставникот од Фондацијата Метаморфозис.
Двата прирачника содржат корисни информации и совети за употребата на компјутерот во работата со ученици со посебни образовни потреби во основните и во средните училишта и се достапни за преземање од веб-сајтот на Отворете ги прозорците.
Меѓу другото беше презентирано и компјутерско це-де со поедноставени компјутерски програми за пишување и презентација од програмскиот пакет Open Office кои ќе им помогнат на лицата со хендикеп, на полесен начин да пишуваат текстови и да подготвуваат презентации. Печатењето на софтверот е во соработка со УСАИД, а материјалите ќе бидат дистрибуирани низ училиштата.
За време на презентацијата беа доделени 9 говорни табли како донација од проектот на Метаморфозис и Отворете ги прозорците, од кои 6 на социјални институции: два дневни центри за лица со хендикеп од Скопје и Штип, ПОУ „Д-р Златан Сремац“, Заводот за ментално здравје, Институтот за слух, говор и глас, како и Здружението на родители за деца со церебрална парализа од Велес. Три говорни табли беа доделени на индивидуални корисници кои го посетуваат центарот за пристапна информатичка технологија на „Отворете ги прозорците“. Изборот беше направен врз основа на мини-истражување во кое беа вклучени 14 вакви институции или организации, спроведено во август 2010 година.
Говорната табла е асистивен уред (помагало) кој ја олеснува и поддржува комуникацијата на децата со потешкотии во говорот.
„Доколку детето не зборува, не значи дека нема што да каже. Говорната табла може да му го овозможи тоа и отвора нови можности за третман“ – изјави Јасмина Трошанска, дефектолог во ПОУ „Д-р Златан Сремац“.
Таблата овозможува снимање на каква било порака во 5 категории во секое од деветте полиња за пораки. Пораките може да се бришат и повторно да се снимаат нови, со што се овозможува долготрајна употреба на уредот. Исто така може да се користи за помош кај лица кои привремено го изгубиле говорот поради трауми, мозочен удар и слично.
Таблата била тестирана на 2 деца кои имаат проблеми со комуникација и со говор. Првото дете имало проблеми со комуникација и говор, но со помош на таблата и употреба на вежби тоа може да се обучи да комуницира. Второто дете, е дете кое зборува, и со помош на таблата, повторувајќи по неа, успеало да научи 3 песнички и да црта со помош на вербални налози.
Таблата ја олеснува комуникацијата и овозможува зголемување на говорниот фонд. Може да се применува кај лица со неразвиен и тешко експресивен говор, деца со потешкотии и неможност за невербална комуникација, деца со слаба или неточна координација на тело, раце и мимики, аутизам и други недостатоци.
Како дел од овој проект, со цел да се овозможи приближување на технологијата до лицата со хендикеп, Град Скопје овозможи приспособен простор за користење без надомест.
Сподели: