На ден 6 декември 2022 во Скопје, се одржа првиот ден од 18-то годишно издание на меѓународната конференција е-Општество.мк, оваа година на тема „Кибер отпорност за слобода и безбедност“, организирана од страна на Фондација Метаморфозис, а посветена на градење на кибер-отпорно општество со дигитално компетентни и одговорни граѓани.

Конференцијата ја отвори Амбасадорот на ЕУ делегација, Дејвид Гир, кој меѓу другото забележа дека Северна Македонија заостанува со подготвеноста да се соочи со кибер закани додавајќи дека стратегијата постои, но имплементацијата оди бавно. Меѓу слабостите што постојат, а ги има воочено ЕУ, се недостигот на основни работи како идентификација на надлежни власти и воспоставување на практична соработка меѓу институциите за спречување на кибер заканите.

Амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македонија, Дирк Јан Коп, во своето воведно обраќање заклучи дека дека кибер отпорноста е на врвот на грижите на Северна Македонија, така што не може да се зборува за безбедност без кибер просторот. Тој додаде дека државата е склона на теории на заговор и е добро место за ширење на дезинформации и затоа во моментов Амбасадата на Кралството Холандија во синергија со Фондацијата Метаморфозис работи на регионален проект за откривање на дезинформациите и странските малигни влијанија врз демократија.

Свое воведно обраќање имаше и Амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Метју Лосон, кој спомена дека најдобрата рамнотежа помеѓу слободата и безбедноста е да се имаат одговори на три прашања: чив е интернетот, кој го користи интернетот и кој го регулира интернетот. Бидејќи одговорите не се јасни, прилично тешка задача е да се најде баланс меѓу слободата и безбедноста е прилично тешка задача.

Во своето воведно видео – обраќање Заменик на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, порача дека мора заеднички да се работи и на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста. “На сајбер безбедноста не треба да гледаме како на трошок, туку како на инвестиција која од една страна ја штити нашата држава и нашите граѓани од надворешни напади, но од друга страна овозможува и јакнење на довербата на граѓаните во институциите и во системот.“ – изјави Грковска. Таа посочи дека на иницијатива на нејзиниот кабинет Северна Македонија стана 103-та членка на GFCE – Global Forum on Cyber Expertise.

На конференцијата се обрати и државниот секретар на Министерство за одбрана, Владимир Анчев, кој се осврна на дигиталната трансформација како клучна движечка сила за општествениот развој, и ја препозна растечката зависност од информатичко-комуникациските технологии што ја зголемуваат потребата од функционален систем за кибер одбрана.

Воведните обраќања ги затвори извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, кој порача дека предизвици има многу, светот брзо се менува, дигитализацијата придонесува уште побрзо да се случува тоа, дигиталните технологии прават за услугите да се поквалитетни и побрзи. Тој додаде дека со оваа динамика на промени, проблемите се големи, како држава и регион треба да се прилагодиме.

Настанот продолжи со две работни сесии. На првата сесија говорниците дискутираа за статусот и напредокот на спроведувањето на Дигиталната агенда во земјите од Западен Балкан и за тоа како да се продолжи со реформите. Говорници во првата сесија беа Снежана Никчевиќ, НВО 35 мм (Црна Гора), Ариана Ѓули, Отворени податоци Косово (Косово), Алдо Меркочи, Движење „МЈАФТ“ (Албанија), Предраг Топиќ, Мостови&Креации / DX Лаб (Србија), и Кристина Манд, Академија за е-Владеење (Естонија), а сесијата ја модерираше Мила Јосифовска Даниловска, Менаџер на програми во Фондација Метаморфозис. Еден од главните заклучоци на сесијата беше дека дигиталната трансформација треба да биде одржлива, безбедна и во служба на граѓаните, поради што таа треба да се прилагоди на потребите на граѓаните и редовно да се комуницира со нив преку повеќе различни пристапи кон различни целни групи.

Говорниците на втората сесија – Лaјло Мерали, Женевски центар за управување со безбедносниот сектор – DCAF, Александар Ацев, Национален центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT при Агенција за електронски комуникации, Светлана Николоска, Факултет за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, Меги Речи, Институт за демократија и медијација (Албанија) и хвале вале, Асоцијација за прогресивна комуникација, дискутираа за постоечките капацитети за кибер безбедност во однос на правата на приватност, слободата на изразување, слободата на собирање и здружување и антидискриминација во земјите од Западен Балкан, и понудија свои препораки за вклучување на стандардите за човекови права во управувањето со кибер безбедноста. Сесијата ја модерираше Маријана Јанческа, специјалист за отвореност и учество во Фондација Метаморфозис. Еден од заклучоците од оваа дискусија беше дека мора да имаме образовани и едуцирани граѓани со знаења и вештини за да се соочиме со предизвиците на кибер безбедноста, додека државата мора да биде ефикасна и да гарантира соодветно законодавство.

Конференцијата продолжува и утре, на 07.12.2022 во Хотел Мериот, сала Ballroom I, со панел дискусии на темите “Прашања за приватност: Надзор и биометриска обработка на податоци”, “Спроведување на Законот за заштита на лични податоци: добри практики, предизвици и идни чекори” и “Безбедносни закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите”, како и инспиративен говор на темата “Ефектите од дезинформациите и странските малигни влијанија врз демократијата на Северна Македонија”. Како дел од конференцијата е-Општество.мк, во Кинотека на Северна Македонија ќе има прикажување на филмот “Сестри” од Дина Дума, проследено со дискусија на тема “Сајбернасилство: Последици по реалниот живот”.

Сподели: